Денеска завршува асфалтирањето на уште една улица предвидена во програмата на локалната самоуправа за оваа градежна сезона. Но, покрај што бројот на реконструирани улици веќе ги има надминато предвидените 25 за оваа сезона, денешните активности уште еднаш потврдуваат дека локалната самоуправа континуирано води грижа за подобрување на условите за живот на сите граѓани, а најголемата потврда е признанието од нив самите. Симона Јовевска е жител на оваа улица, а нејзиниот пристап до сопствениот дом 27 години, како телесен инвалид и беше значително отежнат. Како сопственик на центар за обуки, консултации и странски јазици таа секојдневно мораше да бара начин да излезе од својата куќа и да стигне до улицата за која велат останала без интервенции уште од турско:
„Јас би сакала да ја изразам својата неизмерна благодарност до Градоначалникот и до Советот на општина Битола, бидејќи со овој нивни подвиг неизмерно го олеснаа мојот живот. Конечно ми овозможија соодветен пристап до мојот дом “, изјави Симона Јовевска, жител на ул. Караорман.
Ова е радост и придонес за целото семејство на Симона, но и за останатите жители кои живеат на овие 6 краци во должина над 500 метри.
„Од името на сите членови на месната заедница сакам да ја изразам нашата благодарност до градоначалникот и Советот на општина Битола за изразеното разбирање, поддршка и слух за нашите барања, за реконструкцијата на водоводната, канализационата мрежа и асфалтирањето на поголем дел на чикмаци кои и не беа влезени во барањата. Но градоначалникот имаше слух за нашите проблеми, затоа што имаше навистина голема потреба да се реконструира и нашиот чикмак, чикмакот на Караорман 7 каде што живее една посебна категорија на лице, мојата сестра која што е телесен инвалид. Мислам дека најголемиот бенефит од асфалтирањето ќе го има таа како жител на општина Битола“, Наташа Јовевска, сестра на Симона
„Овие чикмаци цели беа со макадам поставени, со камен, земја, беше и непријатно движењето. Сега се чувствуваме подобри во овој дел, затоа што навистина ако пристапот до домот не е како што треба е многу тешко. Сега се чувствуваме малку „градски“, изјави Цане Стојкоски– жител на улица Караорман.
На улицата Караорман во изминатиот период извршена е промена на водоводната и канализационата мрежа, а деновиве завршува асфалтирањето. Вкупната инвестиција за целиот проект изнесува над 5 000 000 денари.
„Овде по барање на мештаните имаме неколку интервенции. Каде што беше потребно се изврши промена на водоводната мрежа и канализацијата, а сега асфалтираме. Градежната сезона е интензивна. Денеска почнавме со асфалтирање и на дел на улицата Васко Карангелевски, работиме во Цапари и Трново – Магарево, а ќе следува и Логоварди. Денеска во општина Битола асфалтираат три фирми. Овде мештаните побараа еден дел, но ние согледавме дека навистина најдобро е интервенцијата да опфаќа поголем дел. Продолжуваме да работиме и понатаму. Тоа е единственото нешто што не врзува заедно. Довербата која ни ја даваат да ја враќаме со максимално посветена работа“, изјави д-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола
Вкупниот број на асфалтирани улици во Општина Битола на крајот на 2013 година ќе изнесува 32.