ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКОТО ПЧЕЛАРСТВО „БИТОЛА 2013“

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКОТО ПЧЕЛАРСТВО „БИТОЛА 2013“

Со апел за што почесто и поголемо конзумирање на мед и здрава храна денеска во Битола беше отворена манифестацијата „Денови на македонското пчеларство Битола 2013“. Учесниците на манифестацијата ги поздравија градоначалникот на Општина Битола, Д-р Владимир Талески и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски:
„Оваа манифестација се одржува по 16 ти пат, а имаме 30 учесници од Република Македонија кои ги претставуваат своите производи. Иако имаат потешкотии при одгледувањето на пчелите, во секој случај поддршката ја даваме со простор и максимум колку што може општината да помогне. Помошта е многу поголема од Владата на Република Македонија, која е изразена преку субвенционирање на пчеларите, односно нивна поддршка според презимено пчелно семејство. Знам дека овие пчелари максимално се трудат да произведат здрав мед, но она што им е потребно секако е една добра кампања за застапеност на медот во секое семејство. Со ваквите манифестации верувам дека ќе придонесеме за поголема популаризација, користење повеќе мед и здрава храна за сите наши граѓани, изјави градоначалникот на општина Битола Д-р Владимир Талески.
Според заменик министерот во МЗШВ Зоран Коњановски, производството на мед во квалитет и квантитет зависи од повеќе фактори, но секако дека најголемиот фактор се временските услови и појавата на пчелни болести.
„Преку Агенцијата за храна и ветеринарство, како и со поддршка на науката им помагаме на земјоделците што значи и на пчеларите за сузбивање на пчелните болести. Согласно законот почнавме да водиме регистар на пчелните семејства во Република Македонија, а согласно тој регистар можам да кажам дека во Република Македонија има околу 4400 пчеларници со повеќе од 183 000 пчелни семејства, што е знак дека пчеларството е сериозна гранка во Република Македонија и дека голем број на пчелари се занимаваат со производство на квалитетен мед. Тука е и поддршката на Владата на Република Македонија за оние кои имаат над 35 пчелни семејства, во висина од 600 денари по пчелно семејство“, изјави заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски.
Во рамките на манифестацијата „Денови на македонското пчеларство“ ќе се одржат стручни средби и трибини посветени на предностите и проблемите со кои се соочуваат македонските пчелари кои по 16-ти пат се собраа во општина Битола.
„Органскиот мед зема се поголем замав во пелагонискиот регион, а повеќе во повисоките предели на Пелагонија, од граѓаните е многу баран што покажува дека расти свеста кај граѓаните за конзумирање на здрава храна“, изјави Пеце Чавдаровски, претседател на Здружение на пчелари „Нектар“.

Презентацијата на мед и производи од мед се одржува на плоштадот „Магнолија“ во Битола, а истата ќе трае четири дена.