ВО БИТОЛА ЗАПОЧНА СНИМАЊЕТО НА СЕРИЈАТА „КУМ“ ВО МАКЕДОНСКО – РУСКА КОПРОДУКЦИЈА

ВО БИТОЛА ЗАПОЧНА СНИМАЊЕТО НА СЕРИЈАТА „КУМ“ ВО МАКЕДОНСКО – РУСКА КОПРОДУКЦИЈА

Во битолското село Велушина, започна снимањето на телевизиската серија „Кум“ во македонско – руска копродукција. Лајт мотивот на серијата е човечноста присутна кај главниот херој – лекар гинеколог во српско албанската војна. Серијата е прототип на животна историја во која за лекарот Алексеј Илин (Илија Алексеев) не постојат закони, а неговата човечност придонесува да им помогне на голем број христијани и муслимани. Вториот дел од серијата ќе се снима во современ Петербург.
„Снимам филм за првиот канал на руската телевизија кој се вика „Кум“. Дојдовме ја погледнавме вашата земја незнаевме апсолутно никој. На почеток ни се допаѓаше могу природата која што ни одговараше на нашето сценарио, а потоа ни се допаднаа и луѓето – актерите“, изјави режисерот Тимор Алпатов.
Во серијата учествуваат македонски и руски актери. Улогата на калуѓерка ја толкува Ѕвездана Анѓеловска:
„Драматична и трагична приказна на една жена која е на страната на Бога, хумана, која што има и здравствени проблеми – тумор, потоа е измачувана, така што ова е една таква тема дека доброто ќе го победи злото… да има мир, љубов…таа е пораката, така што мислам дека ќе излезе многу добар резултат“, изјави Анѓеловска.
Најголемиот дел од серијата ќе се снима во Македонија, односно во околината на Битола. Проектот е поддржан од Министерството за култура и министерството за одбрана, а општина Битола излегува во пресрет со своите поволности:
„Соработката ја гледам на повеќе нивоа, пред се зближување на една нација и на една голема кинематографија која сеуште не била присутна за продукција и копродукција во Македонија. Остваривме повеќе контакти и за во иднина се најавија неколку големи проекти. Презадоволен сум од соработката со нив. Второто ниво е инвестиција бидејќи руски пари се трошат во Македонија, така што мислам дека со целата оваа поддршка што ја даваат и министерствата и Владата ќе продолжиме во развојот на македонската кинематографија“, изјави Владимир Анастасов, продуцент од македонска страна.
Во Битола серијата ќе се снима повеќе од еден месец, а општина Битола во насока на понатамошна реализација на својата идеја за филмски град продолжува да создава услови за сите заинтересирани филмски екипи:
„На наше големо задоволство идејата за Битола – филмски град веќе функционира. Можеби започна со многу дилеми од нечија страна, но ние бевме убедени и убедени сме дека ова е добриот концепт и за Битола и за Република Македонија. Екипите кои ја посетуваат Битола не се само македонски екипи. Денес имаме руска продукција која има и свои, но и наши актери. Овие осум епизоди во траење од над 60 тина минути се во вредност од над 3 000 000 евра. Делот предвиден за Македонија изнесува околу 600 000 евра, но тоа не е најважното. Најважното е дека концептот за филмскиот град продолжува. Исто така и со министерот за странски инвестиции, Џери Наумов работиме на еден концепт кој верувам ќе донесе врвни резултати. Се работи за интерес од Канада кој се однесува на продукција на Балканот. Верувам дека ќе успееме и во тоа“, изјави д-р Владимир Талески, градоначалник на општина Битола.