ЌЕ СЕ АСФАЛТИРААТ ТРИ УЛИЦИ ВО СЕЛО ЛОГОВАРДИ

ЌЕ СЕ АСФАЛТИРААТ ТРИ УЛИЦИ ВО СЕЛО ЛОГОВАРДИ

 

Општина Битола продолжува со реализација на својата програма за уредување на патната инфраструктура во руралните средини. Денес започнаа подготвителните активности за асфалтирање на 3 улици во должина над 700 метри во селото Логоварди. Вкупната вредност на овој проект изнесува 3 233 200,00 финансиран од општинскиот Буџет.

„Овде изминатиот период интервениравме на повеќе начини, но по барање на мештаните денеска започнуваме со интервенции во патната инфраструктура. Се работи за 3 нови краци кои што ќе бидат градежно средени и преасфалтирани, како што правевме во Бистрица, во Кравари, Цапари, Кукуречани, Трново – Магарево и останатите места. Но, не е само тоа. Во овој дел од нашата општина кога има поројни дождови и топење на снегот луѓето имаат проблем со каналите. Тоа иако не е во директна надлежност на општина Битола, но секогаш сме тука да помогнеме бидејќи честопати поплавите ескалираат во ова место, Кравари, Егри…Во таа смисла општина Битола изработува нов план и програма со која ќе бидат извршени мерења и онаму каде што ќе можеме ние ќе интервенираме директно. Сакаме да им помогниме на мештаните и затоа ќе им излеземе во пресрет затоа што тој е многу важен и ненадминат проблем досега иако постоечките канали честопати самите тие си ги затрупуваат, но очекувам дека новите мерења ќе покажат дека доколку со дополнителни канали се поврзат и постоечките ќе помогнат во значителна мера за време на есенските дождови или пролетните топења на снегот, луѓето да имаа што помалку проблеми. Верувам дека и во тоа ќе успееме и тоа многу брзо“, изјави Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Асфалтирањето на улиците е од големо значење за мештаните, затоа што на овој начин им се надминуваат доста од проблемите со кои се соочуваа во изминатиот период. Улиците се асфалтираат по барање на жителите од селото.

„Ова е голема работа за мештаните. Несомнено Логоварди е едно од најубавите полски села. Бие сме населба од градски карактер и заслужуваме сите патишта да бидат асфалтирани. Благодарение на градоначалникот и општината Битола и согласно програмата за изградба, реконструкција и одржување на патиштата, еве денес започна акција за да се асфалтираат патиштата во Логоварди дефинитивно. Со иницијативата на општината за изготвување на план за ископ на канали, Логоварди ќе нема никаков проблем со водите од сливното подрачје, изјави Котевски Ристо, претседател на иницијативниот одбор.