БИТОЛА ВО ПРЕСРЕТ НА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ – 4 НОЕМВРИ

БИТОЛА ВО ПРЕСРЕТ НА ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ – 4 НОЕМВРИ

 

Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески на денешната прес конференција информираше за сите позначајни проекти и настани кои ја одбележаа измината година. Економски развој, значително подобрена инфраструктура, инвестиции во спортот и културата, образованието и социјалната заштита, како и многу други проекти реализирани во соработка со јавните претпријатија од општината придонесуваат за значително подобар живот на граѓаните во општина Битола.
„ Во нашата програма за локалната самоуправа за периодот 2013 – 2017 година, за четири години планиравме изградба на 100 улици, а само годинава целосно ќе бидат завршени 32, а доколку ги броиме и помалите улици во руралните средини имаме бројка од 52 улици. Во насока на забрзан економски развој инвестиравме во индустриската зона „Жабени“, која е најподготвената индустриска зона за инвестиции во Македонија. Фабриката „Кромберг и Шуберт“ која пред неколку седмици беше пуштена во употреба, денес има 836 нововработени лица, а до крајот на годината ќе има уште 200. Како што најави еден од сопствениците, господинот Кромберг, вкупниот број на нововработени се очекува да достигне бројка од 3.500 лица. За зоната од исклучително значење е владиниот проект за реконструкција на пругата од Битола до границата со Република Грција и отворање на тој граничен премин. На наша иницијатива ЈП „Македонски железници“ прифатија еден крак од пругата да влегува во ИЗ „Жабени“, и тоа дополнително ќе ги подобри условите за инвестирање во зоната. Во зоната издадени се одобренија за градба на нови осум фабрики, а очекуваме и други. Неодамна беше поставен камен темелник на уште една фабрика на инвеститор од Грција. Битола го доби и најубавиот и единствениот од ваков вид мост „Црн Мост“. За нашите највозрасни граѓани во тек е реконструкцијата на Домот за Стари лица „Сју Рајдер“. Паралелно ги реализираме инвестициите во поранешната касарна каде сега се градат згради и деловни објекти, и каде почнува да никнува еден нов град. Битола станува современ, модерен град со нови сообраќајници, нови зелени површини. Со новата сообраќајна студија на општина Битола вршиме вградување на кружните текови на фрекфентните сообраќајници, а извесно е дека ќе предложиме нов режим на сообраќајот во градот со повеќе еднонасочни улици за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Проблемите во сообраќајот и посебно недостигот на паркинг просторот што го чувствуваме како град со старо градско јадро мислам дека ефикасно ќе ги решиме со зонско паркирање кое наскоро ќе профункционира. Најавивме дека Битола ќе биде спортски град и токму затоа инвестираме во спортот. Досегашната инвестиција за оваа година изнесува над 35 000 000,00 денари, а исто така работиме и на потребните подготовки за изработка на проект за изградба на стадион под Тумбе кафе. Културата и културните содржини во Битола се застапени 365 дена, а нашата грижа за сите граѓани подразбира продолжување на континуитет“, изјави д-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.
Од денес, општина Битола објави повик за сите самохрани родители и лица со ниски примања кои сакаат да се вклучат во бесплатниот курс по информатика и англиски јазик кој општината го реализира два пати годишно.
И овој 4 ти ноември општина Битола ќе понуди исклучителна програма која ќе трае 4 дена. Сите заинтересирани можат да ја погледнат програмата на веб страната на општина Битола www.bitola.gov.mk. Свеченото доделување на наградите по повод празникот на градот ќе биде во понеделник од 19.00 часот во НУ Народен театар, а уметничката програма ќе продолжи со концертот „За моја Битола“ во рамки на кој изведувачи се Ламбе Алабаковски, Здравка Мирчевска, Димитар Андоновски, Ирена Димовска, Бојан Стојков во придружба на камерниот оркестар од Битола под диригентска палка на маестра Бисера Чадловска.