БИТФЕСТ 2013 – РЕСТАВРИРАЊЕ НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО – РЕСТАВРИРАЊЕ НА ПРИЈАТЕЛСКИТЕ ОДНОСИ

БИТФЕСТ 2013 – РЕСТАВРИРАЊЕ НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО – РЕСТАВРИРАЊЕ НА ПРИЈАТЕЛСКИТЕ ОДНОСИ

Во малата сала на Завод и музеј, Здружението на граѓани ЕКОВАСТ (Европски совет за села и мали градови) и оваа година ја збогати програмската содржина на најдолгото културно лето БИТ ФЕСТ 2013 со својот меѓународен културен настан РЕСТАВРИРАЊЕ НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО – РЕСТАВРИРАЊЕ НА ПРИЈАТЕЛСКИТЕ ОДНОСИ.
 Oваа културна содржина е поттикната од културното наследство како дел од материјалната култура на народите на Р. Македонија, Р. Грција и Р. Албанија. Културното наследство на Битола (Р. Македонија), Лерин ( Флорина, Р. Грција),  Гирокастро и Корча (Р.Албанија) како погранични градови, е предмет на интерес и мотивација за проектот РЕСТАВРИРАЊЕ НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО – РЕСТАВРИРАЊЕ НА ПРИЈАТЕЛСКИТЕ ОДНОСИ.
Овој настан ги поврзува професионалците од областа на заштитата на културното наследство од овие три балкански земји. Во фокусот на овој настан е поставена традиционалната архитектура на овие  градови преку заедничка изложба на учесниците во овој проект.
„Поддршката на културното наследство е неопходна при градењето на држава заснована врз мир и човекови права, а меѓусебната почит за истото е услов за спокоен развој на општеството.
Со поддржувањето на културното наследство се постигнуваат и многу други цели, како зголемување на административниот капацитет и хармонизација со законодавствата на останатиот дел од Европа“, вели Викторија Момева Алтипармакова од ЗГ Ековаст.
Учествуваа архитекти од балканските простори кои ја истражувале традиционалната архитектура како културно наследство од повеќе аспекти и имаат искуство во популаризацијата и презентацијата на истата.
Целта на овој проект е презентирање на културните влијанија на Балканот, кои оставиле траги врз материјалната и духовната култура кај народите на овие три балкански земји. Сочуваните траги низ времето трансформирани во различни форми оставиле цврста нишка на поврзување во сите сфери на живеењето на овој балкански простор, се до денес, што докажува дека административните граници никогаш не преставуваат културни граници помеѓу три соседни народи.