БИТ ФЕСТ „СИНТЕЗИС“ ЈА ВООДУШЕВИ ПУБЛИКАТА ПРЕД ДОМ НА АРМ

БИТ ФЕСТ „СИНТЕЗИС“ ЈА ВООДУШЕВИ ПУБЛИКАТА ПРЕД ДОМ НА АРМ

Повеќе од една деценија Македонската музичка етно група „Синтезис“ во Европа и светот ја исполнува својата одговорна задача за унапредување на богатиот македонски музички фолклор. Нивното име го изразува нивниот концепт на внимателно комбинирање на традиционалните звуци со современите аранжмански решенија создавајќи една синтеза која му обезбедува живот на минатото и и трасира пат на иднината. Нурнувајќи се длабоко во македонската фолклорна ризница, сериозно водејќи сметка за зачувување на традиционалните вредности и имањето посебено чувство за создавање на современи високоестетски стилизации, оваа група може слободно да го понесе епитетот на освежувачи на македонската фолклорна традиција и нејзини чесни продолжувачи.
Групата во своето музицирање ги користи речиси сите македонски традиционални инструменти – кавал, гајда, зурла, тапан, тарабука, тамбура, а уникатната звучна слика, покрај современите клавијатурни инструменти, ја надополнуваат и трите ангелски гласови кои пеат во духот на женското групно пеење од старата македонска традиција.
Пред Дом на АРМ во Битола „СИНТЕЗИС“ во состав: Гоце Димовски, Ване Јовчев, Марјан Јовановски, Гоце Ужински, Радослав Шутевски, Анета Шулаковска, Билјана Ристовска, Мирјана Јошевска, направија вистинско уживање за публиката која неколкупати им се забалагодари со громогласен аплауз.