Пред Културниот центар Магаза синоќа се одржа исклучителен концерт на камерниот ансамбл „Арс Барока“ од Република Бугарија.
Камерниот Состав Арс Барока од Р. Бугарија постои од 2006 година. Во него учествуваат инструменталисти од најрепрезентативните оркестри во Р. Бугарија како Софиска Филхармонија, Оркестарот на Класик ФМ и Националното радио.
Ансамблот Арс Барока го фокусира своето внимание на темелно интерпретирање на доцниот барокен стил со неговите специфики како автентичното звучење, динамики и штрихи, кој се типични за епохата. Нивниот репертоар вклучува инструментални концерти, сонати и кантати од Ј.С.Бах, Вивалди, Салиери, Телеман, Корели, Хендел, Зеленка и др.
Ансамблот е награден со престижната награда „Ансамбл на годината 2007 година“ од Националното радио на Бугарија.
Солисти: Калин Панајотов – обоа, љубовна обоа, Владимир Лазаревски – обоа, Владимир Крстев – виолина и Паскал Краповски – виолончело.
ПРОГРАМА на камерен ансамбл „Арс Барока“ (Р. Бугарија) на БИТФЕСТ 2013: Увертира бр. 6 во г- мол од Ф.М. Верачини, Концерт за 2 обои и оркестар оп.9 бр. 3 од Т. Албинони,Концерт за љубовна обоа и оркестар BWV 1055 од Ј.С. Бах, Троен концерт за обоа, виолина, виолончело и оркестар во Д- дур од А. Салиери.
Ваквата програмска содржина создаде исклучителни мигови во единствениот простор на Културниот центар Магаза, исполнет со многу љубов и прекрасни звуци.