БИТ ФЕСТ: ПРОМОЦИЈА НА ФИЛМОТ: „БИТОЛА ВО ЕВРОПА“

БИТ ФЕСТ: ПРОМОЦИЈА НА ФИЛМОТ: „БИТОЛА ВО ЕВРОПА“

Во центарот за култура се одржа промоција на филмот „Битола во Европа“. Документарниот филм ,,Битола во Европа,, е посветен на Битола – градот жив музеј под отворено небо како вистински предизвик за посетителите од цел свет, зашто тука можат да се слушнат приказни стари со векови. Почнувајќи од оние за неолитскиот човек, за периодот на доаѓањето на словените, богатата античка историја, турското владеење, времето на конзулите, илинденскиот период… низ кои тој прерасна во она што е денес – модерен административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар во регионот.
Филмот ги претставува најважните туристички атракции во градот и околината, најзначајните културно историски споменици, но и богатата културна сцена која стана магнет за посетителите и знак за препознавање на градот на културата во светски рамки.
Особено се истакнуваат и космополитиските карактеристики на Битола кои се присутни како низ историјата, така и денес. Тоа е она што Битола ја прави град со силна традиција и култура, со значаен бекграунд, но и со огромни потенцијали кои во вистинска смисла на зборот ја означуваат како Европски град и неминовно го наметнуваат заклучокот дека Битола уште од многу одамна е во Европа.
Документарниот филм ,,Битола во Европа,, е во режија и по сценарио на Анета Шијакова, во продукција на невладината организација ,,Граѓански Патеки,,. Продукцијата на филмот е поддржана од страна на градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески во рамките на Битфест.
По промоцијата на филмот, во галеријата ,,Мано Ди Мано,, (поранешно Де Ниро) на Широк сокак се служеа антички специјалитети и античко вино кои своевремено се конзумирале во античка Хераклеја.