БИТОЛЧАНКАТА АЛЕКСАНДРА БОШЕВСКА МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ НА НАТПРЕВАРОТ ВО ЧЕШКА

БИТОЛЧАНКАТА АЛЕКСАНДРА БОШЕВСКА МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ НА НАТПРЕВАРОТ ВО ЧЕШКА

Исклучителен талент, голема креативност и вистински ентузијазам. Ова се само неколку од особините кои ги имаат талентираните ученици од Битола, а кои на општината и донесоа нови признанија. Од Меѓународната изложба во Чешка „Либице 2013“ двајца ученици се вратија во Битола со високи признанија. Денес, амбасадорот на Чешка дојде во општина Битола, со цел заедно со градоначалникот да и го врачат признанието на Александра Бошевска.
„Втор пат сум во Битола. Многу сум среќен што имав можност да дојдам. Главната причина поради тоа што дојдов е да и ја предадам дипломата на Александра за големиот успех на Меѓународната изложба „Либице 2013“. Оваа изложба е многу стара, има веќе 40 години. Учествуваат деца од целиот свет. Оваа година Меѓународното жири изборот го направи од 25 000 слики, а Македонија беше многу успешна – доби 10 дипломи и 2 медаљи. Од Битола два студенти добија награди. Едната е Александра, а другиот е Михаил Савевски, кој досега не се пријавил за да ја подигне наградата. Им честитам на сите“, изјави амбасадорот на Чешка, Мирослав Рамеш.
Пораки за мир, љубов и топлина, пренесуваат делата на Александра, изразувајќи го притоа и големото културно историско богатство на Македонија.
„Натпреварот беше воглавно за децата во Чешка. Беа подготвени 4 слики и беа пуштени минатата година, а годинава добив награда. Имам учествувано на повеќе натпревари во повеќе држави, каде што сум добивала и други награди меѓу кои е и првата награда во Америка, преку проектот на УСАИД за средни училишта“, изјави Александра Бошевска, ученик во СОУ Таки Даскало.
Честитки за големиот успех до Александра испрати и битолскиот градоначалник:
„Честа наша е голема, со амбасадорот разменивме мислења на повеќе теми. Честитки до Александра, директорот, професорот и родителите на Александра. Таа е гордост на целата општина“, изјави д-р Владимир Талески, градоначалник на општина Битола кој го повика и вториот битолчанец Михаил Савевски да дојде во неговиот кабинет во понеделник во 12.00 часот за да си ја подигне заслужената награда, затоа што големиот талент го заслужува тоа.
Градоначалникот Талески и Амбасадорот Рамеш, разговараа за повеќе теми, меѓу кои беше договорено и претставување на потенцијалите на општина Битола во Чешка.