ОПШТИНА БИТОЛА ЗАПОЧНА РЕВИЗИЈА НА ПОСТОЕЧКИТЕ И ИЗРАБОТКА НА НОВИ СТРАТЕГИИ

ОПШТИНА БИТОЛА ЗАПОЧНА РЕВИЗИЈА НА ПОСТОЕЧКИТЕ И ИЗРАБОТКА НА НОВИ СТРАТЕГИИ

Општина Битола во соработка со УСАИД и консултантската куќа CeProSard започна со ревизија на постоечките стратегии и изработка на нови. Потребата за ново стратешко планирење произлезе од завршувањето на важноста на досегашните стратегии кои се однесуваа на периодот 2009 – 2014, а при изработката на стратешкиот план на локалниот социоекономски совет, дополнително беше согледана потребата за дополнување на одредени стратешки цели. Двете средби кои ќе се одржат во месец декември имаат за цел основно дефинирање на визијата мисијата и стратешките цели, како и Свот – анализа. Со денешните активности започна изработката на стратегиите за економски развој, туризам, животна средина и социјална заштита, додека во соработка со УНДП и Агенцијата за млади и спорт ќе се изработува стратегијата за млади и спорт, а преку Пелагонискиот регион ќе се изработува стратегијата за рурален развој.
„Во текот на овие два месеци ќе работиме на изработка на детална стратегија со учество на сите засегнати страни, со истражување и конкретни планови на активности за наредниот процес. Голема благодарност до градоначалникот и „Yes“ проектот на УСАИД кој ја финансира целата работа и посебно сум задоволна и позитивно изненадена од интересот на целата јавност и поканетите заинтересирани страни да се вклучат и да дадат свое мислење во планирањето на целиот процес со цел да обезбедиме партиципативно учество на сите засегнати страни во креирањето на идните активности на општина Битола“, изјави Габриела Мицевска, консултант од ЦеПроСард.
Работните групи кои се формирани за оваа цел вклучуваат претставници од соодветните институции, претставници од локалната самоуправа, невладиниот сектор и советот на општина Битола со цел максимално вклучување на сите засегнати субјекти и вистински придонес во насока на подобрување и напредок на одредена област.
„Имаме одлична соработка со целата екипа која работи. Сите проекти кои ги имаме произлегуваат од стратегиите кои што општина Битола ги имаше досега. Почнуваме навреме, затоа што во 2014 година завршува нивната важност. Ова е една жива, динамична работа, затоа што исполнувајќи ги параметрите на одредени проекти запишани пред 5 години, доаѓа до промена на одредени услови и се јавува потреба за нешто ново. Ќе ги ревидираме сите стратегии и ќе донесеме и нови предлози за сите споменати стратегии. Работиме доста аналитички со стручен пристап кон сите области. На овој начин имаме мапа – координации каде точно да се движиме. Со точното лоцирање на приоритетите знаеме каде точно да се движиме“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Изградба на индустриската зона „Жабени“ и намалување на невработеноста во општината, изработка на сообраќајна студија, изработка на детални урбанистички планови, промоција на општината на меѓународни саеми и голем број меѓународни награди и признанија, грижа и создавање услови за социјално ранливите категории и многу други проекти се само дел од проектите кои се реализирани во изминатиот период, а произлегуваат од досегашните стратегии. Со новите стратегии продолжува дефинирањето и стручното третирање на одредени приоритети, со цел реализација на конкретни проекти кои произлегуваат од општите цели насочени кон создавање подобри услови за живот и побрз развој на општина Битола.