ОТВОРЕН ДЕН НА ИДЕИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА

ОТВОРЕН ДЕН НА ИДЕИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА

Голем интерес за Отворениот ден на идеи во општина Битола. Над 80 граѓани денес остварија средба со градоначалникот на општина Битола, раководителите на одделенијата во општината и директорите на јавните претпријатија. Иако времетраењето на отворениот ден беше предвидено од 12.00 до 15.00 истиот беше продолжен скоро за три часа. Голем дел од граѓаните имаа предлози кои се однесуваа на разубавување и понатамошно уредување на општината, но имаше и идеи кои се однесуваа на долгорочни стратегии и проекти.
„Мојот предлог беше да се изгради пешачка патека од старите до новите гробишта“, изјави Илиевска Сузана.
„Нашата идеја е да ја збогатиме новогодишната програма со новогодишен саем“, изјави Јованка Ристевска, од Здружение Астерион Галери.
„Мислам дека е добро време да се стави акцент на работата со надарени деца. Добро е да се започне со едно училиште, како пилот проект, а потоа да се продолжи и во другите училишта“, изјави дипломиран психолог од Битола.
„Ми се допаѓа што градоначалникот е секогаш отворен за граѓаните. Добро е да се продолжи на ваков начин и да се направи нешто повеќе за вработување на младите“, Христовска Елизабета, медицинска сестра во СВР Битола.
Општина Битола реализирајќи ја својата програма континуирано работи на создавање услови за понатамошен економски развој и создавање подобри услови за живот во сите сфери на општественото живеење. Во таа насока, како и досега идеите од денешниот отворен ден ќе бидат разработени од стручните служби, а оние за кои што постои реална оправданост ќе бидат реализирани:
„Го реализираме Денот на идеи во Битола. Има голем интерес и не само за идеи, има предлози, забелешки, обраќања за помош. Се обидуваме најмалку два пати годишно да направиме ден за идеи. Секој разговор, секоја идеја е добродојдена. Оние што мислиме дека се важни и реални ги реализираме заедно со нашите служби. Во разговорот со нашите граѓани најсуштинските проекти се реализираат од страна на нашите стручни служби“, изјави д-р Владимир Талески.
Градоначалникот на општина Битола најави во 2014 отворање на два нови погони кои во општината ќе обезбедат вработување на најмалку 400 граѓани. Во изминатиот период во општина Битола, како резултат на идеи и предлози од граѓани извршено е уредување на повеќе пешачки патеки, зелени површини, регулирање на сообраќајот, како и други проекти од кои бенефитот најмногу го чувствуваат граѓаните.