На традиционалниот пролетен Велигденски крос, кој се одржа на 30 ти април во Скопје, Општина Битола беше прогласена за најдобра општина. На Велигденскиот крос учествуваа најдобро подготвените ученици – спортисти од сите основни и средни училишта во Република Македонија. Општина Битола учествуваше со 33 ученици од различни училишта и од вкупно 24 доделени медали, учениците од Општина Битола освоија 12. На денешната средба, Градоначалникот Талески, со наградените ученици разговараше за постигнатите резултати и за нивните идни потреби.
„Сакам да им се заблагодарам за големиот резултат кој што го постигнаа. Овој е во континуитет седми ваков крос, а Битола сите овие години наназад е прва и најдобра. Денес имавме прием на овие деца за да покажеме дека сите оние кои веруваат и сакаат да покажат резултат, дека тоа е возможно, изјави Градоначалникот на општина Битола, м-р Владимир Талески.
На средбата на учениците им беа поделени подароци од општина Битола, а Градоначалникот Талески најави дека на посебна средба на крајот на учебната година на сите ученици со високи резултати на републички натпревари ќе им бидат доделени посебни пофалници. Ваквата поддршка и постигнати резултати пак, се значаен придонес за нивното стипендирање во понатамошниот период. Од друга страна пак, идеите кои денес беа предложени од страна на учениците и наставниците, заедно со предвидените проекти за следните четири години во делот на училишниот спорт се значаен придонес кон реализацијата на големата идеја Битола-спортски град.