ИЗГРАДБА НА ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ НА 15 ЛОКАЦИИ ВО БИТОЛА

ИЗГРАДБА НА ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ НА 15 ЛОКАЦИИ ВО БИТОЛА

Продолжува разубавувањето на градот и градежните активности во Битола. Со инвестиција од над 9 000 000 денари за изградба на пешачки патеки и тротоари во градот, општина Битола е во завршна фаза од реализацијата на овој значаен проект од повеќе аспекти. Со ваквите активности партерно се уреди просторот на ул. Солунска, ул.Кичевска и ул.Црвена вода, ул.Свети Наум, пред Здравствен дом и околу кружниот тек на ул Иван Милутиновиќ, околу основните училишта Стив Наумов, Коле Канински, Даме Груев, Тодор Анѓелевски, Ѓорги Сугарев, ул.Јадранска, просторот „кај Чинарот“, на влезот од Буковска населба, кај детската градинка Пролет, а во тек се активностите кај ОУ Гоце Делчев и во близина на Црн мост.

„Во моментов се завршени или привршуваат вкупно 15 места на кои што интервенираме како општина. Се наоѓаме во близина на Црн мост кај овој споменик кој симболизира еден историски настан од нашето минато, каде што во тек се активностите за партерно уредување и изградба на оваа пешачка патека во должина од 130 метри или 450 метри квадратни. Во овој дел ќе биде комплетно уреден и паркот. Се уредува и кај повеќе училишта. Ваквото уредување ја разубавува нашата Битола и овозможува побезбедно движење на пешаците, изјави Градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески.

Покрај овие активности ЈКП Комуналец ги уредува зелените површини на повеќе локации во општина Битола, како: Градското шеталиште, Градскиот парк, Широк Сокак, сите паркови и зелени површини на територијата на целата општина. Исто така, на терен веќе се вршат подготвителни активности за изградба на Киното на Браќа Манаки:

„Првата камера на Балканот е донесена токму во Битола и значењето на Браќата Манаки е слично како што е значењето на Браќата Лимиер за Европа. Затоа исполнувајќи го нашиот долг кон Браќата Манаки, сите ние ќе бидеме горди на надополнувањето на нашето културно историско наследство. Проектот за изградба на Киното Манаки е изготвен, имаме завршен ДУП, тендерите се завршени, договорите се потпишани, ги воведуваме во работа изведувачите и заеднички ќе работиме на реконструкција, односно обнова на славното кино каде што работеле Браќата Манаки. Сега можам да ве информирам дека според нашиот акционен план на 8 ми мај почнуваме со поставување на камен темелникот, односно првата фаза од обновата на киното, која се однесува на фасадата и целиот дел кој што е многу значаен за вклопување во амбиентот на најубавата улица на Балканот Широк Сокак. Очекувам да биде започнато, но и завршено до крајот на оваа градежна сезона. Овие денови го очекуваме и сообраќајниот проект кој е неопходен заради специфичноста на теренот и потребата од сообраќајно решение за движење на механизацијата при изградбата на киното, информираше Градоначалникот Талески на денешната прес конференција.

Опремувањето на киното се предвидува за две години, а истото ќе има најдобра техничко технолошка опрема. Со ваквите активности се интензивира динамиката на реализација на сите проекти, така што крајниот рок за нивно завршување ќе биде многу поскоро од предвиденото.