ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА НОВ РЕЗЕРВОАР (V=2000 м3) ВО БРУСНИЧКА НАСЕЛБА

ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА НОВ РЕЗЕРВОАР (V=2000 м3) ВО БРУСНИЧКА НАСЕЛБА

Градежната сезона во општина Битола е во полн ек. Продолжуваат активностите за изградба на нов резервоар со капацитет од 2000 метри кубни во Брусничка населба во Битола. Проектот е дел од Програмата на Градоначалникот М-р Владимир Талески за локалната самоуправа во периодот 2013 – 2017, а истиот ќе биде завршен до август оваа година.
„Ова е еден од покрупните проекти кои што ги ветивме на граѓаните. Изборите се завршени, а ние секојдневно максимално сме посветени на нашата работа, на одредени фази од нашите 137 проекти. Овој проект се реализира во соработка на Општина Битола, ЈКП Водовод и KfW банката, а се работи за еден голем резервоар во вредност над 700 000 евра. Иако мислевме дека овој проект ќе биде завршен подоцна, сепак се екипиравме, имавме една одлична организација, така што истиот ќе биде завршен до месец август. Со ваквиот начин на работа, убеден сум дека проектите кои се дел од програмата и беа предвидени да бидат завршени во 2013 година, ќе бидат завршени пред крајниот предвиден рок, но не само тие, туку и дел од предвидените за 2014 ќе бидат започнати, а дел од нив и завршени оваа година“, изјави Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески.
Со изградбата на резервоарскиот простор од 2000 м3 ќе се овозможи континуирано и подобро водоснабдување во средната зона и во време на евентуален дефект.
„Тоа ќе значи поредовно водоснабдување на тие луѓе кои што живеат во таа зона на градот и ќе значи намалување на загубите во водоснабдувањето. Досега во оваа зона кога имаше дефект моравме да интервенираме на главниот затворач, така што целата таа зона остануваше без вода. На овој начин ќе се обезбеди континуирано водоснабдување во следните 4-5 часа – доволно за санирање на дефектите. Со изградбата на овој резервоарски простор ќе се овозможи подобро менаџирање со водата во водоводниот систем, а со тоа и намалување на загубите при експлоатацијата на истиот, изјави Зоран Илиоски, директор на ЈКП Водовод.
Со реализацијата на четирите капитални проекти: изградба на резервоар, инсталирање на водомери со далечинско читање, главен довод за месноста Баир и проширување на СКАДА системот се овозможува континуиран влог во квалитетно водоснабдување, а при тоа цената на водата останува непроменета.