Акција за чистење на сметот во с. Дихово

Акција за чистење на сметот во с. Дихово

Со заедничка акција на локалната самоуправа и Американскиот мировен корпус, изминатиот викенд над 30-тина волонтери  од САД и жителите на селото Дихово, како и членови на еколошкото друштво “Сапунчица”  од Дихово беа ангажирани за расчистување на околината и самото  потпелистерско село Дихово од насобраниот смет.
-Ова е еден од нашите десетина топ проекти. Идејата на нашата волонтерка Патрис Коерпер од САД ние со задоволство ја прифативме и активно се вклучивме во организацијата и  изведувањето на акцијата. Идејата за оваа акција беше на Американскиот мировен корпус претставуван од Патрис Коерпер, а се останато беше наше. Планираме ваквите акции да ги прошириме и на други локации – истакна градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој зеде активно учество во акцијата.    Оваа акција наиде на голем интерес кај диовчани, кои масовно  зедоа учество во акцијата и за само два дена буквално го “светнаа” селото и неговата околина.
    Во акцијата  покрај жителите на Дихово и американските волонтери зедоа учество и  вработени во јавните претпријатија “Нискоградба” и “Комуналец”, кои со својата механизација го собираа сметот и комуналниот отпад.