Како активен учесник во реализацијата на Програмата за „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, Јавната општинска установа за деца – детска градинка „Естреја Овадија Мара“ – Битола, во одбележувањето на светскиот „Ден на акција“ иницираше активности кои имаат за цел придонес кон заштитата на животната средина. Во овој настан насочен кон подигнување на свеста за голем број на еколошки теми покрај градинките од ЈОУДГ Естреја Овадија Мара, со свои активности се вклучија и детските градинки при ЈОУДГ Мајски цвет, 6 основни училишта и НВО Биосфера. Во рамките на двочасовната програма преку еко – песнички, еко – стихотворби и модна ревија беа пренесени еко – пораки до присутните гледачи и минувачи на тема : „Имаме само една планета“.
“Со голема помош и под покровителство на Градоначалникот на Општина Битола се организиравме и го одбележуваме светскиот ден на акција и ден на планетата Земја. За таа цел покрај кратката програма, организиравме и модна ревија со облеки од материјали кои можат да се рециклираат. Во овој настан вклучени се и 6 основни училишта, голема благодарност до НВО Биосфера и Лајнс клубот од кој добивме донација за нашата ботаничка градина. Само со вакви активности ќе успеме кај сите наши граѓани да ја подигнуваме еколошката свест.”, изјави Лидија Петровска, директор на ЈОУДГ Естреја Овадија Мара.
Во рамките на денешниот настан, кој е поддржан од општина Битола, беше организирана и продажна изложба на изработките од материјали кои можат да се реупотребат, а со цел собраните средства да се употребат за реализација на други еко – акции во детските градинки во периодот кој следи.
„Вклучени се двете градинки, дел од основните училишта, направени се маски од материјали кои што може да се рециклираат. Денес е светскиот ден на акцијата и заштита на планетата земја. По овој повод имаме повеќе активности, но сакаме и едукативно да влијаеме на најмладата популација, токму затоа организираме една ваква манифестација. Покрај оваа, имаме и други активности, веќе започнавме со интервенција во дворот на Клиничката болница и се она што значи здрава и чиста животна средина“, изјава м-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.
Јавното претпријатие Комуналец кое исто така даде поддршка на оваа манифестација, покрај своите редовни активности, по повод денешниот ден на планетата Земја, организираше чистење на кругот околу Клиничката болница, што претставува најава на новиот проект од програмата на Градоначалникот м-р Владимир Талески, кој предвидува инвестирање во изработка на проект за партерно уредување на просторот, изградба на паркинг простор, осветлување на надворешниот простор со поставување на канделабри, поплочување на пристапните патеки, изградба на рампи за лица со инвалидност и хортикултурно уредување на просторот.