ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА НОВИОТ МОСТ НА ЦРН МОСТ

ПОСТАВЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА НОВИОТ МОСТ НА ЦРН МОСТ

После повеќе подготовки, адаптација на теренот и создавање услови за работа во коритото, денес беше поставен камен темелник на новиот мост на Црн мост. После осветувањето од свештениците од македонската православна црква, Градоначалникот на Општина Битола и претставник на изведувачот „Стентон градба“ го означија овој посебен настан со кој започна бетонирање на дел од тракастиот темел на Црн мост.

„Се подготвувавме бидејќи потребни се 37 главни монтажни носачи, кои што во изминатиот зимски период се подготвуваа во леарница. 35 од нив се завршени, а останатите два се подготвуваат за изработка. Откако ги направивме сите испитувања за стисливост на земјиштето, денеска стигнавме до фазата на ставање на камен темелникот, ова е првиот од темелите кој што треба да ги држи носачите. Мислам дека ова е една голема придобивка. Финансиските средства се обезбедени во буџетот, а фазно според предвидената динамика очекуваме со првиот училишен ден, односно на први септември мостот да биде потполно завршен“, изјави Градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески.

Со изградбата на новиот мост на Црн мост се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Со изградбата на новиот мост, стариот мост на Црн мост ќе остане пешачки, а новиот ќе претставува голем кружен тек кој 70% ќе биде мост на реката Драгор, а останатите 30% ќе претставуваат поврзување со сегашната патна инфраструктура.