ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ И ОФИЦИЈАЛНО ГО ЗАПОЧНА СВОЈОТ ТРЕТ МАНДАТ

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ И ОФИЦИЈАЛНО ГО ЗАПОЧНА СВОЈОТ ТРЕТ МАНДАТ

Од денеска официјално започнува третиот мандат на Градоначалникот на Општина Битола, М-р Владимир Талески, како прв човек на локалната самоуправа. Почетокот на новиот мандат на Градоначалникот Талески, беше означен со предавањето на уверението од страна на претседателот на општинската изборна комисија Зоран Насев, на Градоначалникот Владимир Талески:

„По завршувањето на сите рокови за приговори општинската изборна комисија може да констатира дека Канидатот на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, м-р Владимир Талески го освои градоначалничкото место во Општина Битола, изјави Зоран Насев“, Претседател на Општинската изборна комисија.

Градоначалникот Талески уште еднаш потсети на капиталните проекти кои ќе се реализираат во идниот период, а најголемиот дел од нив ќе претставуваат континуитет на досегашната работа. Денешниот прв работен ден од новиот мандат веќе има исполнета агенда која се однесува на повеќе проекти кои се во напредна фаза на реализација:
„Првиот работен ден минува низ директна средба со нови инвеститори заинтересирани за влез во индустриската зона „Жабени“, а од еден вљубеник и пријател на Битола добивме предлог проект за реконструкција на планинарскиот дом „Копанки“. Информиран сум дека веќе е завршена конструкцијата на главните носачи на новиот мост на реката Драгор кај месноста „Црн Мост“ и подготвени сме да организираме свечено поставување на темелите на новиот современ мост во Битола кој ќе биде повеќефункционален, со кружен тек и придружни содржини. Во наредниот период во општината ќе се создаваат услови за нови работни места, инвестиции во индустриската зона „Жабени“, топлификација и гасификација, изградба и реконструкција на 100 улици и други, вкупно 137 наслови на проекти “, изјави Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески на денешната свеченост.