Од 24 до 28 април во Битола, по 15-ти пат ќе се одржи интернационалниот „Фестивал на монодрама“ во организација на Центарот за култура од Битола.
„На фестивалот учество ќе земат претстави од Македонија, Словенија, Романија, Србија, Шведска, Украина, Тунис и Израел ќе биде отворен со претставатата „Изгубени Германци“ на текст на Дејан Дуковски, а во режија на Слободан Унковски. Оваа претстава МНТ од Скопје ќе ја одигра во чест на фестивалот“-рече Борче Димитровски, директор на Центарот за култура на денешната средба со новинарите.
Учесниците покажувајќи го својот актерски потенцијал ќе се борат за наградата Гран-При, која ќе ја додели меѓународно стручно жири предводено од познатиот македонски актер Мето Јовановски.
„Она што можам да ветам е богата програма и во и вон конкуренција. При изборот на претстави најмногу држев до критериумот квлитет. Најважна секако е актерската игра и актерското мајсторство но секако тука се и сценографијата, костимографијата, светлото и слично“-изјави актерот Петар Мирчевски, селектор на фестивалот.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РМ и Општина Битола.
„Чест е да се биде со оваа екипа. Тука мислам на организацијата, селекторот, жири комисијата, но пред се на понудата и можам да кажам дека оваа година очекувам најдобро издание“-изјави Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.
Фестивалот ќе го затвори Театар Комедија од Скопје со претставата “Женидба“ во режија на Дејан Пројковски.На фестивалот ќе бидат изведени 10 претстави во конкуренција а 4 вон конкуренција.