ДОНАЦИЈА ОД ФРАНЦУСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА WORKING TOGETHER ЗА ЦЕНТАРОТ ЗА ЕДУКАЦИЈА „ПЕГАЗ –ЕДУ“ ОД БИТОЛА

ДОНАЦИЈА ОД ФРАНЦУСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА WORKING TOGETHER ЗА ЦЕНТАРОТ ЗА ЕДУКАЦИЈА „ПЕГАЗ –ЕДУ“ ОД БИТОЛА

Опрема во вредност од 40 000 евра денеска донираше организацијата Working Together од Франција за битолскиот центар за едукација за заштита од пожари „ПЕГАЗ ЕДУ“. Опремата се состои од едно ново возило џип Даџиа дастер, две грбни преносни пумпи, како и опрема за истите, 2 преносни резервоари и друга опрема. Опремата беше предадена на ПЕГАЗ ЕДУ на денешната свеченост која се организираше по повод завршувањето на 10 дневната обука на професионалните територијални противпожарни единици во Прилеп, Струмица и Битола со преносни пумпи и резервоари кои се користат за гаснење на шумски пожари. Денес во Битола беше организирана и завршна показна вежба на која беше презентиран начинот на користење на новата опрема. На свеченоста присуствуваше француската амбасадорка  Н.Е Лоренс Оер која истакна дека ваквите проекти и активности се уште една потврда за одличната соработка помеѓу Општина Битола и повеќе градови од Република Франција.
Градоначалникот на општина Битола изрази голема благодарност до француската амбасадорка за денешната донација:

„За време на големите пожари кои ја зафатија Битола, првата помош стигна од Франција. Ова е потврда дека покрај соработката со градот Епинал, општина Битола веќе има воспоставено соработка со повеќе други градови и региони од Република Франција. Во делот на противпожарната заштита веќе имаме воспоставено соработка и со Велика Британија. На овој начин покрај што се овозможува усовршување на пожарникарите, опремување на противпожарната единица, се овозможува и поголема ефикасност при евентуални пожари“ , изјави Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески.

Покрај центарот за едукација ПЕГАЗ ЕДУ од Битола, опремата ќе можат да ја користат и професионалните противпожарни единици од Битола и целата држава при евентуални шумски пожари. На денешната церемонија беше претставена и играта за патна сигурност и превенција која организацијата Working Together ја донираше на Француската Алијанса од Битола.