ЕУ АВТОБУСОТ СТИГНА ВО БУКОВО

ЕУ АВТОБУСОТ СТИГНА ВО БУКОВО

Жителите на Буково и околните села денеска имаат можност во непосредна комуникација со тимот од ЕУ автобусот да постават прашања поврзани со Европската Унија, пристапувањето на земјата во Унијата, можностите за искористувањето на фондовите од ИПА програмата и другите програми на ЕУ, како и за други активности поврзани со ЕУ во земјата. ЕУ автобусот го посети селото Буково во рамки на активноста „ЕУ одблизу“ која предвидува претставници на Делегацијата на Европската Унија, амбасадите на земјите членки на ЕУ и Секретаријатот за европски прашања, со ЕУ автобус да посетат 10 села низ Република Македонија. Во Буково присуствуваше и Н.Е Јозеф Бенце, амбасадорот на Република Унгарија.

„Јас во моментот се обидувам да збратимам неколку градови од Унгарија, со некои градови од Македонија и се надевам дека наскоро еден од збратимените градови ќе биде Битола со градот Солзник од Унгарија. Во јуни Градоначалникот на Солзник ќе ја посети Битола. Во тој процес ни помогна и почесниот конзул на Унгарија во Битола. Градоначалникот и конзулот ни помогнаа многу во нашата работа тука. Се надевам дека во јуни Европската унија ќе овозможи датум за почнување на преговори за Република Македонија. Унгарија е многу добар пријател со Македонија и Унгарија ја поддржува Македонија во процесот на интеграција во ЕУ, изјави Н.Е Јозеф Бенце, амбасадорот на Република Унгарија.

Целта на оваа активност, организирана од Делегацијата на Европската Унија е да се оствари директна комуникација со граѓаните од руралните области и на тој начин непосредно да се презентираат информации за ЕУ и да се образложат добивките и обврските кои произлегуваат од зачленувањето во Унијата.

„Се наоѓаме во с. Буково, место со посебна историја и специфики. Бевме во основното училиште Коле Канински каде што амбасадорот имаше едно предавање за спецификите и придобивките од земјите кои што се членки во ЕУ, така што раскажа едно свое доживување на тоа како тој од своето детство гледа на зачленувањето на својата земја во Европската унија. Мислам дека приказната допре до срцата на нашите најмлади. Сите овие години наназад се зборува и сите политичари истото го потврдуваат дека единствената најважна опција како политичка иднина на Република Македонија е интегрирањето на Република Македонија во европското семејство. Ова што го правиме е еден чекор напред, изјави Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески.

Градоначалникот Талески и Амбасадорот Бенце денеска присуствуваа и на отворениот противпожарен ден кој се реализираше во рамките на завршните активности на проектот за заштита од пожари Fireshild:

„Како Претседател на Советот на Пелагонискиот плански регион сакам да Ви кажам дека во завршна фаза е еден од проектите кои што ги добивме како Пелагониски плански регион. Придобивките се многу големи, не само заради тоа што направивме добра релација со нашите соседи, затоа што знаете дека некогаш природните несреќи како пожари поплави и слично ги зближуваат луѓето независно од тоа на какви политички страни се тие. Оваа релација со соседна Грција е одлична, затоа што не е првпат да работиме на заеднички проекти од заеднички интерес. Се работи за дел од опремата која е веќе инсталирана и за дел од опремата за самите пожарникари. Денеска е отворен противпожарен ден. Пожарникарите се обучени имаат доволно опрема и сега веќе се максимално подготвени за висока превенција“, изјави Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.