Градоначалникот на општина Битола во изминатиот период оствари средба со претставници на УСАИД, а Советот донесе одлука за формирање на социоекономски совет кој ќе има за цел намалување на невработеноста преку создавање на образовни профили според потребите на пазарот на трудот. Целта е преку интензивни активности да се воспостави координација на расположливиот потенцијал:развој, перспективни потреби на работодавачите, како и адекватна понуда на работна сила од младите луѓе кои со своето знаење и стручност треба да се вклучат во развој на општеството. За успешно функционирање на овој совет, денеска една недела пред официјализирањето на договорот кој треба да биде потпишан со УСАИД, Градоначалникот на општина Битола М-р Владимир Талески оствари работна средба со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија.
„Битола е познат град по низа нешта: историски, традиционални, културни вредности, но познат е и по нешто друго. Познат е по високиот развој на синдикализмот и по високиот развиен социјален дијалог, според кој мислам дека предначи во Република Македонија. Денес имаме чест да Ве информираме дека конечно го постигнавме договорот за формирање и потпишување на спогодба за формирање на локално економско – социјален совет. Сојузот на синдикатите на Македонија оваа година ја посвети на една исклучително значајна кампања за креирање на локалните социо економски совети како органи со советодавна консултативна функција во насока на подобрување на социјалниот дијалог, креирање на нови работни места, посебно во делот на вработувањето кај младите лица, идентификување на потребите на пазарот на трудот помеѓу приватниот и јавниот сектор, утврдување и правење на соодветни анализи за потребите на образованието, во делот на потребите кои се наметнуваат при евентуално губење на работните места со цел да се утврди една динамика на преквалификација и доквалификација на таквите работници и воопшто да се креира една атмосфера каде што социјалните партнери, овој пат за разлика од другите партнери внесуваме една новина во локалниот социо економски совет во општина Битола, каде што ќе вклучиме и НВО и други субјекти со цел да се создаде една атмосфера каде што во еден нормален високо развиен социјален дијалог ќе се постигнува социјален консензус и можност за креирање на економските социјални политики кои ќе даваат многу подобра перспектива за сите идни генерации кои живеат во Битола, изјави Живко Митревски, претседател на ССМ.
Новиот социо економски совет ќе укаже на согледување на реалните можности за вработување на сите граѓани.
„На ваков начин уште пореално се согледуваат сите аспекти за да можеме преку дијалог да помогнеме на оној дел кој што го викаме социјален аспект. Создаваме услови за развој на стопанството, за нови инвестиции, но сето тоа е со една крајна цел да отвориме што поголем број на работни места. На ваков начин ќе станеме поефикасни. Со нашите членки на лоикално ниво ќе можеме да разгледаме повеќе сегменти и преку дијалог да ги откриеме луѓето кои професионално, стручно ќе можат да ги работат одредени работи, но и да помогнеме на многу луѓе на кои досега не сме имале можност да помогнеме. Можеби секогаш не станува збор за многу висока плата, но важно е да се обезбедат услови и за оние кои досега едвај го прехранувале своето семејство “, изјави М-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.
Новиот социо економски совет има за цел создавање на нови работни места, за сите категории граѓани кои досега немале можност да се вработат. Договорот за соработка со УСАИД ќе биде потпишан идната недела.