По повод годишнината од крајот на Првата светска војна, a во спомен на жртвите, ранетите и раселените од сите народи за време на сите војни амбасадите на Република Франција и Република Германија, денеска во Битола и Прилеп одржаа комеморации. Традиционално, во знак на помирување германската амбасадорка Гертруда Шатјнер зборуваше на француски јазик, а вршителот на должност амбасадор на Франција во РМ Жан Лик Форе Турнер се обрати на германски јазик.
„ Европската унија сега се гради во мир, се гради со напредок и мошне е значајно бидејќи повеќе од педесет години научивме да живееме во мир. Таа порака за помирување е многу значајна и за балканските земји“, рече Жан Лик Форе Турнер, вршител на должност амбасадор на Република Франција во Република Македонија.
Германската абасадорка истакна дека и Македонија е дел од европското помирување.
„Мислам дека и во Македонија има помирување. Меѓу нас забележувам претставник на германска невладина организација која работи на тоа поле и навистина потребни се напори од сите страни за да се постигне тоа помирување“, рече Гертруда Шатјнер, амбасадор на Република Германија во Република Македонија.
На одбележувањето на денот на помирувањето на француските гробишта во Битола министерот за одбрана Фатмир Бесими истакна дека помирувањето може да се случи ако сите стоиме на таа тема, ако сите се залагаме за тоа и додаде дека тоа е чин каде секој може да даде свој придонес, тргнувајќи од себеси, од своите најблиски, од своите соседи, колеги и ако сите гледаме кон една заедничка иднина за Република Македонија.
На француските гробишта во Битола свежо цвеќе положија повеќе делегации.