Започна реконструкцијата на Спортската сала „Младост“

Започна реконструкцијата на Спортската сала „Младост“

Со санација на кровната конструкција во вредност од околу 1 000 000 денари започнаа активностите за обезбедување на соодветни услови за спортски активности во спортската сала „Младост“ во Битола. Откако ќе биде завршено санирањето на кровот, продолжуваат активностите за реконструкција на малата сала, по што ќе следува доопремување со спортски реквизити.

„Минатата зима имавме тука тежок дефект, таа беше запоставена, многу многу години навистина никој ништо не инвестирал во спортската сала. Пред неколку години ние сакавме да помогнеме поради што извршивме промена на паркетот во големата сала. Сега работиме на санација на кровната конструкција, но во тек е и тендерот за реконструкција на малата сала која што е и најмногу оштетена. Тука се обидувавме и летниот период на различни начини да интервенираме, но дефинитивно најдобро, најефикасно и најбрзо е да се интервенира директно на кровната конструкција“, изјави Градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески.

Спортските објекти ќе се санираат согласно приоритетите, а од наредната година ќе се бара начин за изградба на нова трибина на фудбалскиот стадион под Тумбе кафе.
Општина Битола во буџетот за идната година веќе има предвидено ставки за спорт за кои ќе бидат издвоени над 15 милиони денари, за поддршка на сите спортски екипи за кои општината континуирано обезбедува поддршка за непречено одвивање на нивните активности.