ХОЛАНДСКАТА АМБАСАДА ЌЕ ПОТТИКНУВА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ВО БИТОЛА

ХОЛАНДСКАТА АМБАСАДА ЌЕ ПОТТИКНУВА СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ВО БИТОЛА

Холандска делегација предводена од заменик амбасадорот Петар Вернхаен  денес оствари посета на општина Битола каде со градоначалникот Владимир Талески разговараа за инвестициските можности на пелагонискиот регион.
„Благодарам за можноста да разговараме за инвестициските можности во општина Битола и регионот на Битола. Амбасадата ќе ја поддржи општината во привлекувањето на странски инвеститори во овој случај од Холандија. Разговаравме за легислативата и целосната моментална економска клима. Очекувам во наредниот период интезивирање на соработката меѓу општината и холандските инвеститори“, изјави заменик амбасадорот на Холандија, Петар Вернхаен.
Холандската амбасада ќе продолжи со реализација на проектите посветени на трансфер на знаења и посебно извоз на земјоделски добра, кои се прифатливи и за локалната самоуправа.
„Во оваа официјална средба разменивме повеќе мислења. Ме радува фактот што заменик амбасадорот дојде да се интересира за поволностите кои што ги има општина Битола за потенцијалните инвеститори од Холандија. Пред неколку месеци, наши претставници кои ги кажуваа поволностите на Република Македонија веќе беа во Холандија, така што заменик амбасадорот се интересира што е она што конкретно Битола може да го понуди за инвеститорите од Холандија. На потенцијалните холандски инвеститори им ја нудиме целосно подготвената индустриска зона „Жабени“ и условите за влез во неа, и верувам дека по оваа средба ќе имаме конкретни компании што ќе сакаат да дојдат во Битола. Ние сме најпривлечни во регинот за инвестирање и верувам дека бизнис секторот од Холандија ќе покаже вистински интерес за инвестирање во Македонија. Како општина ќе продолжиме со изработката на проекти кои уште повеќе ќе ја олеснуваат постапката и ќе ги мотивираат сериозните компании да инвестираат во нашата општина“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.