ТРАДИЦИОНАЛНА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА МЕСНИТЕ И УРБАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

ТРАДИЦИОНАЛНА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА МЕСНИТЕ И УРБАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Над 33 асфалтирани улици, изградени водоводни и канализациони мрежи, игралишта, реконструкција на детски градинки и училишта, хортикултурно уредување и изградба на нови паркови се само дел од приоритетите на месните и урбаните заедници кои општина Битола по барање на граѓаните ги вклучи во својата програма и минатата година успешно ги реализираше. Континуираната комуникација продолжува со ист интензитет, а во таа насока беше организирана и денешната традиционална средба на градоначалникот со претседателите на месните и урбаните заедници во општината. На средбата се разговараше за проектите кои што во 2013 беа реализирани од локалната самоуправа како и за оние кои во одредени места треба да се реализираат со средствата предвидени за 2014 година.

„Мислам дека е многу значајна средба затоа што на ваквите средби го официјализираме сето она што во текот на годината го работиме. Со сите нив, во текот на годината имаме и директни средби и средби со нашите службеници, едноставно тие многу ни помагаат затоа што преку нив имаме директен контакт со сите наши граѓани. Се обидуваме ваквиот контакт максимално да го динамизираме затоа што многу ни помагаат во нашата работа. Всушност, постојаните контакти ни покажуваат кои се вистинските – реални проблеми или приоритети на местото од каде што доаѓаат претседателите, односно на жителите кои што живеат таму. На тој начин, правиме листа на приоритети и од Буџетот на општина Битола преку програмата што ја усвојува Советот на општина Битола, секаде по нешто инвестираме, така што мислам дека скоро и да не постои место каде што општина Битола не инвестирала во рамките на својата надлежност“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Претседателите и на урбаните и на месните заедници покажаа големо задоволство од постигнатите резултати и досегашната грижа на општината како во урбаниот дел, така и во руралниот:
„Приоритетите се однесуваат пред се на асфалтирање на улиците, а во изминатиот период една од улиците во урбаната заедница веќе е асфалтирана, на друга улица сменета е водоводната мрежа и сме задоволни од тоа како локалната самоуправа ги слуша нашите барања и потоа ги реализира. Исто така, секоја година до почеток на октомври месец, како урбани заедници доставуваме предлози до општина Битола кои што се разгледуваат, влегуваат во програмата за следната година и се реализираат. Во изминатите години соработката со градоначалникот е одлична бидејќи се случувало и некои проекти кои што не се влезени во програмата за тековната година истите да бидат реализирани доколку за тоа се овозможат услови и се обезбедат финансиски средства, изјави Љубе Никлевски, УЗ Димитар Влахов.
„Задоволни сме од локалната самоуправа која излегува во пресрет на потребите на жителите од поранешната општина Бистрица, имаме добра соработка која во понатамошниот период верувам ќе станува уште подобра, изјави Марјан Филковски, претседател на МЗ с. Бистрица.
Ваквите средби се од големо значење бидејќи на овој начин се создаваат повеќе можности за реализација на проекти кои директно произлегуваат од потребите на граѓаните и се приоритет во местото на живеење.