ПРВАТА НОЌ ОД НОВАТА ГОДИНА ВО БИТОЛА РОДЕНИ 10 НОВОРОДЕНЧИЊА

ПРВАТА НОЌ ОД НОВАТА ГОДИНА ВО БИТОЛА РОДЕНИ 10 НОВОРОДЕНЧИЊА

Изминатата ноќ во Битола родени се 10 новороденчиња. Од нив првите три се машки и родени се во Клиничката болница во Битола, каде што се родени и 5 девојчиња до 12 часот на првиот ден од Новата година. Две родилки се од Демир Хисар, а останатите се од Битола.
„Во текот на минатата ноќ во Клиничката болница беа примени 8 родилки и сите се породија. Имаме 6 спонтани раѓања и два царски реза. Оваа ќе ни биде машка година. Првите три дечиња беа машки и родени се: првото во 12.03 минути од мајка Александра – прворотка – 3600 грама, второто се породи некоја секунда подоцна – мајка Мира – второротка – 3650 и третото се породи во 12.05 – 3050 грама и последното во првиот час беше во 12.30 – женско бебе – мајка Ивана – второротка. Двата царски реза беа првиот во 1.25 – прворотка, а вториот утрово околу седум часот мајка -второротка. Сите се во добра сосотојба, изјави д-р Билјана Талевска.
Директорот на Клиничката болница од Битола, честитајќи ја Новата година најави дека се очекува и првата двојка од извршената инсеминација:
„Тоа е метода започната минатата година, а во текот на овој или следниот месец се очекува и раѓањето на првата двојка“, изјави Василе Најдовски, директор на Клиничка болница Битола.
Новогодишната ноќ во болницата „Плодност“ помина со две новородени деца – машко и женско, едното од Битола, а другото од Прилеп. И родилките и новороденчињата се во добра состојба. Во оваа приватна болница во 2013 година родени се вкупно 250 новороденчиња.
„Се радувам затоа што оваа бројка на 10 новородени деца е навистина голема. Убеден сум дека овие деца идниот период ќе добијат подобри услови за живеење и ќе останат во нашиот град. Се трудиме максимално да ги подобриме условите за живеење, а со тоа и условите во здравството, образованието, стопанството, економијата, животната средина, итн. Со подобрувањето на условите ќе се склучуваат повеќе бракови и ќе има повеќе раѓања. Посакуваме како на први јануари да се исполнети сите 365 дена во 2014 година – да има што повеќе дечиња и што повеќе среќни родители“, изјави Градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.
Традиционално Градоначалникот на општина Битола на сите новороденчиња им подари по 10 000 денари.