СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ВОЕНАТА ИДАДИЈА И СПОМЕН СОБАТА НА МУСТАФА KЕМАЛ АТАТУРК

СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ВОЕНАТА ИДАДИЈА И СПОМЕН СОБАТА НА МУСТАФА KЕМАЛ АТАТУРК

Во НУ Завод и Музеј во Битола денес беше промовирана обновената Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк. На свеченото отворање на Воената Идадија и Спомен Собата на Мустафа Кемал Ататурк присуствуваа Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, турскиот вицепремиер Емруллах Ишлер, во придружба на претседателот на агенцијата ТИКА, Сердар Чам и градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески,
Според вицепремиерот Ишлер, проектот посветен на Мустафа  Кемал Ататурк во Битола го отсликува големото македонско-турско пријателство и меѓусебно почитување.

„Во изминативе години во рамките на Спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк беа направени неколку реконструкции, но со овој проект сега овој дел е целосно комплетиран и обновен. Со новиот лик, зградата и новата Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк доби изглед каков што заслужува Ататурк, а се надевам дека и за градот Битола ќе биде аирлија оваа новина. Ова дело го отсликува турското и македонското пријателство, рече вицепремиерот Ишлер на свеченоста во некогашната Воена Идадија во Битола.

Големата и искрена соработка меѓу Република Македонија и Република Турција наскоро ќе биде потврдена и со уште еден проект, најави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

„Овој објект е значаен Споменик на културата, а инвестицијата поврзана со реконструкцијата на Спомен собата на Кемал Атаурк опфати и уредување на влезната партија на самиот објект и надворешниот дел на фасадата. На овој начин ќе се овозможи поголема туристичка промоција и посетеност од страна на туристите кои ќе имаат можност да ја погледнат поставката што го отсликува ликот и делото на Кемал Ататурк. Република Македонија и Република Турција имаат многу добри и пријателски односи и се надевам дека со отворањето на културните центри, односно на турскиот културен центар во објектот на Куршумли-Ан во Скопје и на македонскиот културен центар во срцето на Истамбул на Таксим, ќе се отворат можности за продлабочена културна соработка и размена на проекти од сите дејности на културата и во делот на заштитата, и во делот на музичко – сценската и театарската дејност – нешто што мислам во иднинаа ќе биде од голема важност за унапредување на нашите пријателски и добри врски, рече министерката Канческа Милевска.

Реконструкцијата на Спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк и другите зафати во НУ Завод и Музеј-Битола беа изведени и финансиски поддржани од Министерството за култура и канцеларијата на ТИКА во Македонија. Градоначалникот Талески очекува во идниот период соработката со ТИКА да продолжи со инвестиции насочени и во други делови и објекти значајни за општина Битола.

„Едно од најзначајните места во делот на културно – историското наследство на Балканот, најголемите објекти, случувања, личности и градби се главно во Битола и ние знаеме дека имаме голем број пријатели во нашата пријателска земја Турција. Среќен сум што соработката помеѓу двете Влади навистина е одлична, така што и преку ТИКА ни се овозможи една финансиска помош која што се однесува на санација и реконструкција на дел од објектите кои се од големо културно – историско значење. Помошта ќе продолжи и понатаму. Јас сум убеден дека Битола како едно значајно место во Република Македонија, на Балканот и пошироко, значајно ќе биде и за ТИКА која на некој начин има и таква програма: санација, одржување, реконструкција на дел од објектите. Убеден сум дека идниов период ќе изнајдеме начини и за поголеми инвестиции во повеќе делови, главно би сакале тоа да се однесува и на инфраструктурата. Очекувам идниов период да имаме директни средби со претставниците од ТИКА и тоа да го направиме заедно со помош на Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција. Вицепремиерот е расположен за соработка и се надевам дека идниов период ќе имаме голема поддршка и во делот на проектите кои ќе ги сугерираме и ние како општина, изјави Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.