Општина Битола на еден ден пред Новата 2010 година го доби цертификатот за имплементиран и спроведуван ISO 9001: 2008 стандард на квалитет. Општината успеа во краток период од неколку месеци да ги документира сите процеси и постапки кои се реализираат во институцијата и истите да ги воспостави во интернационалниот систем на стандардот за квалитет ISO.
Цертификатот е доделен за услугите кои општинската администрација ги дава кон граѓаните а се во рамките на надлежностите на локалната самоуправа.
ISO стандардот потврдува дека Општината има високо, интернационално стандардизирано ниво на испорачување услуги кон граѓаните. За вработените и се разбира за Градоначалникот на Битола, ова е навистина возбудлив и мошне значаен момент бидејќи ја става општината на светската мапа на висококвалитетни организации.
Во понатамошната коресподенција со домашните и меѓународни фактори Општината ќе го користи логото на ISO стандардот што реално значи брендирање на институцијата.
Сметајќи го овој цертификат за еден од најзначајните достигнувања на Општината кој во себе ги интегрира сите доосегашни признанија и награди , Градоначалникот Владимир Талески одржа прес конференција на 31.12.2009 на која симболично го подели овој подарок со граѓаните на Битола.