Во спортската сала „Младост“ вечерва беше отворено четвртото издание на меѓународниот кик – боксинг – турнир „Четврти меморијален куп – Љупчо Неделковски“. Овој куп се одржува во чест на ненадејно починатиот претседател на Кик Боксинг Федерацијата на Македонија и промотор на кик бокс спортот во Македонија Љупчо Неделковски.
На овој куп учествуваат спортисти од Македонија, Албанија, Црна Гора и од Србија. Истите настапуваат во атрактивната дисциплина лоу кик.
Настанот е во организација на кик боксинг федерацијата на Македонија, а техничката организација е на кик бокс клубот „Самурај“ од Битола. На отворањето на овој турнир присуствуваат над 2000 гости, претставници од Дипломатскиот Кор во Р.Македонија, политичари и Високи еминентни лица од спортската бранша од WAKO федерацијата за Кик бокс спортот на светско и европско ниво.
Претседателот на Македонската кик-бокс федерација Александра Неделковска на градоначалникот на општина Битола, М-р Владимир Талески, му врачи благодарница и плакета за неговиот голем придонес и континуирана поддршка за развој на кик боксот во Битола. Турнирот го прогласи за отворен градоначалникот Талески кој потсети на големите успеси во кик боксот на спортистите Гордана Цветковска Бошевска и Тони Бошевски, кои на Битола и донесоа медали од светски натпревари:
„Ви честитам за прекрасната организација и Ви посакувам успешен турнир. Битола постојано покажува дека има исклучителни спортски таленти, затоа и нашата поддршка е континуирана. И во идниот период продолжуваме да вложуваме во развојот на спортот во нашата општина. Овој куп е уште една потврда на потенцијалот со кој располага Битола за развој на кик боксот. Високиот адреналин веќе се чувствува во публиката. Чест ми е и официјално да го прогласам за отворен четвртиот меѓународен меморијален кик – боксинг куп.“, рече градоначалникот на општина Битола на отворањето на кик – боксинг турнирот.
Денеска во спортската сала “Младост” се одржува и Државното јуниорско и кадетско првенство кое е изборно за претстојното Европско првенство во Полска во месец септември.