Градоначалникот на Општина Битола, М-р Владимир Талески заедно со својата екипа од стручни луѓе, архитекти, проектанти и инжинери денеска го посетија опожарениот дом на Копанки. Големата штета со која објектот е речиси 100% уништен, остави длабоки траги кај концесионерот кој со тага раскажуваше за големата љубов кон домот. Градоначалникот Талески, најави дека во периодот што следува ќе се завршат сите административни постапки со цел да може да се започне постапката за реконструкција на домот.
„Многу ми е жал што се случи ова. На самото место сме и очигледно е дека ова е 100% уништено. Ова ќе треба се да се расчисти и да се преземе иницијатива да видиме како ќе ја направиме санацијата. Донесовме голема екипа на стручни лица архитекти, инжинери, економисти, правници – луѓе на кои што тоа им е професија ги видовме сите детали и уште денеска ќе има испитувања во интерес на истрагата. Објектот е заштитен и неможе да се влегува, затоа што сеушѕе постои опасност да се случи нешто непредвидено. Ќе помогнеме во расчистувањето, верувам дека и РЕК ќе се вклучи и нашите јавни комунални претпријатија. Од денеска натаму ќе ги провериме сите законски можности како да помогнеме да се санира оваа голема катастрофа што се случи овде на Копанки. Разговаравме со претседателот на Планинарскиот спортски клуб и со концесионерот, тие деновиве ќе достават елаборат, покрај целокупната документација за легализација на објектот која веќе ја имаат доставено во Општина Битола. Тоа е еден чекор, но со стручните луѓе ќе ги видиме сите постапки и фази на кој начин треба да постапиме. Потребен е проект и финансиска конструкција. Со тоа ќе видиме на кој начин и колку може да се вклучи општината. Ние сакаме максимално да помогнеме затоа што овде не е направена само голема материјална штета, тука овде е направена штета на еден од најголемите знаци на Пелистер, еден белег кој што поврзуваше многу генерации, многу луѓе, тука се споделени многу мислења, многу пријателства и штетата е преголема. Се надевам во најкраток можен рок, а тоа значи оваа градежна сезона да изнајдеме законска рамка и да помогнеме максимално. Да направиме услови луѓето и понатаму да доаѓаат, да ги шират своите пријателства и да се радуваат на Убавините на Пелистер, изјави Градоначалникот на Општина Битола, М-р Владимир Талески.
Како што беше договорено на вонредниот состанок деновиве, претседателството на планинарскиот спортски клуб Пелистер во проширен состав,донесе одлука да формира иницијативен одбор за изградба на нов Планинарски дом на Копанки. Носител на активностите за изградба на новиот дом ке биди ПСК Пелистер во координација со општина Битола и градоначалникот М-р Владимир Талески.