ОЛИВЕРА НАКОВСКА БИКОВА НАЈДОБАР СПОРТИСТ НА БИТОЛА ЗА 2012 ГОДИНА

ОЛИВЕРА НАКОВСКА БИКОВА НАЈДОБАР СПОРТИСТ НА БИТОЛА ЗА 2012 ГОДИНА

 

Сјузот на спортови-Битола ги прогласи најдобрите спортисти на Битола за 2012, а за најдобра беше прогласена Оливера Наковска-Бикова која минатата година постигна светски рекорд во дисциплината 10 метри воздушен пиштол и освои златен медал на Параолимписките игри во Лондон.
Највиското признание во областа на спортот на Наковска-Бикова и го врачи градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој истакна дека општината ќе продолжи да ги поддржува спортистите поединци и спортските клубови за кои годинава се предвидени еден милион евра локални средства.
На 49-та по ред манифестација посветена на најдобрите битолски спортисти награди и признанија им беа доделени и на тренерите Звонко Шундовски, Кире Грбевски и Тони Бошевски, на спортските педагози Соња Белџигеровска и Борко Тромбев и на истакнатиот спортски работник Тоде Кулевски. За најдобра младинска екипа во градот беше прогласен ФК „Пелистер“ под водство на Наум Шапковски, за најдобра сениорска екипа – женскиот фудбалски клуб „Топ гол“-Битола, а меѓу најдобрите три спортисти за 2012 година освен Оливера Наковска Бикова беа и Борче Костов од мото клубот „Мото стар“ и членката на кик-бокс клубот „Самурај“ Гордана Цветковска Бошевска.
Сојузот на спортови-Битола врачи посебно признание за градоначалникот Владимир Талески за неговиот придонес и поддршка на спортот и физичката култура, како и за континуираната соработка со спортистите и спортските клубови во Битола.