ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ И МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ВО ПОСЕТА НА АРХЕОЛОШКИОТ ЛОКАЛИТЕТ ХЕРАКЛЕА

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТАЛЕСКИ И МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА ВО ПОСЕТА НА АРХЕОЛОШКИОТ ЛОКАЛИТЕТ ХЕРАКЛЕА

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на општина Битола, М-р Владимир Талески, и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ, го посетија локалитетот Хераклеја каде што во изминатиот период археолозите открија голем број значајни наоди.
        Во изминатите 6 години овој антички локалитет, основан од Филип Втори Македонски, поради своето огромно значење, е дел од капиталните проекти финасирани од Владата на Република Македонија.
        Со годинашните археолошки ископувања во Хераклеја, кои се реализираа со поддршка на Министерството за култура, акцент е ставен на доистражувањето на новата базилика од ранохристијански период, впечатлива архитектонска градба, која со својата големина го потврдува значењето на градот како мошне развиен епископски центар во ранохристијанскиот период. Освен маркантните димензии, при ископувањето на базиликата, по 40 години, откриен е нов зачуван раскошен мозаик во нартексот.
Министерката за култура при посетата истакна дека овие мозаици, по кои е препознатлива Хераклеја, се многу возбудливо откритие и се од исклучително значење за збогатување на сознанијата во македонската археолошка наука.
Во септември археолозите ќе ги започнат и археолошките ископувања на некрополите во Хераклеја, ќе се истражува на парцела откупена од Министерството за култура на Република Македонија, простор кој досега не бил истражуван.
Градоначалникот на општина Битола ја нагласи големата соработка на локалната самоуправа со Владата на Република Македонија и Министерството за култура, како резултат на што во оваа општина континуирано се реализираат значајни проекти.
Во битолскиот регион, кој е богат со културно наследство, преку Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, со поддршка на Министерството за култура, годинава се реализираат и други значајни проекти, меѓу кои се и конзерваторско  и реставраторски работи  на црквата „Св. Богородица“ во с. Велушина, археолошки ископувања на неолитската населба Тумба во с. Велушина и други.