ПРОЕКТОТ „СЕ ГРИЖИМЕ ЗА ТОПОЛ ДОМ“ И ВО БИТОЛА

ПРОЕКТОТ „СЕ ГРИЖИМЕ ЗА ТОПОЛ ДОМ“ И ВО БИТОЛА

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов оствари работна посета на општина Битола, каде што се сретна со градоначалникот Владимир Талески, како и со раководителите на институциите од надлежност на Министерството за труд и социјална политика, а се со седиште во Битола.
 
Министерот Спасов и градоначалникот Талески ја договорија динамиката на активностите за реализација на акцијата „Се грижиме за топол дом“.

„Разговаравме за почетокот на новиот проект на Министерството за труд и социјална политика  кој го реализираме во соработка со сите општини, вклучувајќи ја и Општина Битола и Градоначалникот Владимир Талески. Овој проект се вика „СЕ ГРИЖИМЕ ЗА ТОПОЛ ДОМ“. Проектот е од хуман карактер. Истиот го промовиравме пред два дена и е во почетна фаза. Би сакал да ги поканам сите битолчани да се приклучат на овој проект, односно сите оние кои што имаат вишок на работи:апарати, мебел, апарати за домаќинство, покуќнина – да ја донираат, а истата ќе биде наменета за граѓаните кои што имаат потреба од вакви работи за донација преку која ќе им се подобри значително нивниот живот и ќе им се подобри животот на граѓаните кои се во социјален ризик или тешка состојба, изјави министерот Диме Спасов.

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески јавно ја поздрави и поддржа акцијата „Се грижиме за топол дом“ на Министерството за труд и социјална политика и го информираше министерот Спасов за проектите што се реализираат од социјалната сфера вклучувајќи ги и трите нови детски градинки во општина Битола.
„Општина Битола 100 процентно ќе се вклучи во акцијата „Се грижиме за топол дом“ која е прецизно организирана и со јасни надлежности на општината. Често се случува визбите на граѓаните да бидат преполнети со работи од кои тешко се откажуваат како што се на пример одредена облека, мебел и друга покуќнина. Ние ќе помогнеме и ќе се организираме тие работи да стигнат до граѓаните на кои им се потребни. Затоа ќе помогнеме за пренос и транспорт на сите предмети, што значи создаваме услови за подобар живот и на една категорија на луѓе како што секое општество ги има, а на кои треба да им помогнеме, изјави Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески.
За време на престојот во Битола министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во придружба на градоначалникот Владимир Талески ги посети институциите од надлежност на министерството со кое раководи, односно дневниот Центар за деца од улица, дневниот Центар за лица со посебни потреби, Домот за доенчиња и мали деца како и Домот за стари лица „Сју Рајдер“ кој е во изградба и се очекува до крајот на годината да биде пуштен во употреба.