ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ ЗА НАЈУБАВО НОВОГОДИШНО УКРАСЕН ПРОСТОР

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ ЗА НАЈУБАВО НОВОГОДИШНО УКРАСЕН ПРОСТОР

Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески денес им ги додели наградите на правните и физичките лица кои учествуваа на конкурсот за „Избор на најубаво новогодишно украсен простор“ и покажаа најголема инвентивност и ентузијазам во украсувањето на своите објекти. Наградите беа доделени во три категории: Најубаво новогодишно украсени куќи и дворови (5 награди), Најубаво новогодишно украсени станбени згради и балкони (3 награди), Најубаво новогодишно украсени институции и угостителски објекти (3 награди). За наградените ова претставува вистинска стимулација за уште поголема инвентивност идната година:
„Во мојот проект успеав да модификувам неколку лед сијалици кои реагираат на звук, да ја зголемам нивната јачина од 50 до 100 пати и сето тоа да го проектирам на зграда и да ја доловам новогодишната атмосфера, а комисијата дојде на терен и навистина изгледаше доста интересно“, изјави Иван Литовски, добитник на прва награда.
„Куќата ја уредуваме од 2007 година, но оваа година прв пат се пријавуваме и добивме прва награда“, изјави Јанковски Кире.
Градежното претпријатие „Пелистер“, добиената прва награда во категоријата најдобро украсени институции и угостителски објекти ќе ја донира на Здружението на родители на деца со аутизам, како поддршка за инвестицијата во објектот во кој ќе биде сместен центарот за деца со аутизам. Оваа година благодарници им беа доделени и на вработените во општинската администрација и јавните претпријатија кои учествуваа во новогодишното украсување на општината:
„Ги видовме сите украсени дворови, фасади, објекти, куќи итн., а оваа година имавме и голем ентузијазам од нашите вработени во општина Битола, така што оваа година се што беше украсувано по парковите, улиците и јавните површини, беше украсувано од нашите вработени во општината. Не се работеше за фирма која украсува, туку според своите сугестии украсуваа вработените. Денес и нив им доделивме благодарници. Во изминатиот период направивме комисија која ги разгледа сите апликации на граѓаните и денес доделивме 11 награди, односно 8000 денари за прва, 5000 денари за втора и 3000 денари за трета награда. Ова верувам е доволна стимулација и доколку им недостасува некаков украс да можат да купат. Голема благодарност до сите граѓани и вработените кои учествуваа во украсувањето и со тоа придонесоа општина Битола оваа година да биде најубаво украсената општина. Посебно сакам да ги пофалам сите наградени денеска затоа што таму има внесено многу креација и многу љубов. Оваа година победи љубовта и ентузијазмот, спакувани во една голема креација, што се викаше – новогодишно украсување на Битола, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Градоначалникот Талески ги повика наградените идната година и тие да бидат дел од општинската екипа за новогодишно украсување на општината.