Градоначалникот на Општина Битола на средба со новинарите даде јавен Отчет за Развојот на Општина Битола во периодот 2005 -2012 година и проектите кои се реализирани во овој период. Во 18 области на 144 страни во отчетот отсликана е состојбата на општината пред започнувањето со големите инфраструктурни зафати, реализацијата на големите проекти и денешниот лик на општината.
„Предизвикот да ја разубавиме Битола создаде резултати кои значително придонесоа за подобрување на условите за работа, живот и учење. Битола денес има модернизирани влезови, нови кружни текови и паркинзи, реконструирани улици, квалитетно водоснабдување, хортикултурно уредени површини, простор за одмор и рекреација, нови спортски сали и терени, и што е најважно Битола економски се развива, изјави Градоначалникот Владимир Талески.
Општина Битола во периодот 2005-2012 година има добиено голем број награди и признанија за различни поводи, меѓудругото овој град е прогласен за најавангардна туристичка дестинација, лидер во културниот туризам за 2011 година, награда за најтранспарентна општина, а од Словенечкиот Институт за квалитет се стекна со сертификат за квалитет за услугите што се вршат кон граѓаните од оваа локална самоуправа.
Отчетот покрај дескриптивно и визуелно ја отсликува состојбата во Општина Битола за време на осумгодишниот мандат на Градоначалникот Талески. Истиот започнува со она што е најважно за граѓаните од оваа општина – новите инвестиции и создадените можности за нови вработувања.
Отчетот е поставен и на веб страната на Општина Битола www.bitola.gov.mk