ШПАНСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ХОСЕ ЛУИС АЛКАИН – ДОБИТНИК НА „ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300" ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

ШПАНСКИОТ КИНЕМАТОГРАФЕР ХОСЕ ЛУИС АЛКАИН – ДОБИТНИК НА „ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300" ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

 

Шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на годинашниот 34. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
„По четиригодишни преговори е потврдено доаѓањето на сè уште активниот Хосе Луис Алкаин, легендарниот шпански снимател на рекордни 140 наслови, од кои најголемиот број се долгометражни играни филмови. Во претходните години Алкаин го одложуваше  доаѓањето во Битола, поради снимање на филмови како „Страст“ на Брајан Де Палма и „Многу сум возбуден“ на Педро Алмодовар“-рече Лабина Митевска, диектор на фестивалот на денешната средба со новинарите.
Хосе Луис Алкаин е омилен кинематографер на светски познатиот шпански режисер Педро Алмодовар. Тандемот Алмодовар-Алкаин е еден од најплодите во шпанската и во светската кинематографија воопшто. Заедно ги потпишале насловите „Жени на работ на нервен слом“ (1988, со Кармен Маура и Антонио Бандерас), „Врзи ме“ (1990, со Викторија Абрил), „Лошо образование“ (2004), Враќање (2006, со Пенелопе Круз), „Кожата во која живеам“ (2011), „Многу сум возбуден“ (2013).
Фестивалот е под Покровителство на Претседателот на Република Македонија, поддржан од Министерството за култура и општина Битола.
„Очекувам и  годинава да имаме исклучително издание на “Браќата Манаки”, а ние како општина достојно им се оддолжуваме на овие битолски великани со обновата на киното на битолски Широк Сокак. Моментно градежни екипи работат на првата фаза, а финализацијата на киното во чест на овие историски личности за Битола, ќе биде следната година“ истакна Градоначалникот на Општина  Битола, М-р Владимир Талески. 
Годинашното 34. издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 20 септември во Битола.