Претседателот на РМ Ѓорѓе Иванов и дипломатскиот кор денеска на Пелистер беа пречекани од Градоначалникот на Битола М-р Владимир Талески. Прошетката по пелистерските убавини која започна со топол чај во Информативниот центар – „Вилата на Лазо“ беше исполнета со конструктиевни разговори. Градоначалникот Талески истакна дека прошетката на Пелистер е всушност и работна средба со дипломатскиот кор на која беа претставени сите наши проекти, убава можност за промоција на нашите потенцијали.
„Овој традиционален собир на дипломатите го правиме постојано во Скопје. Оваа година одлучивме да излеземе од Скопје и да им покажеме што се има во Македонија. Одлуката беше тоа да биде Битола кој е познат како конзулски град, а еден ден да биде и град на амбасадори. Посетата на Националниот пар Пелистер е еден вид промоција на сите убавини што ги имаме, да можат да ги почувствуваат и да можат да ги пренесат во нивните земји, да можат нивните граѓани како туристи да доаѓаат, а и да се запознаваат со тоа што можеме да го понудиме. Ова беше можност Градоначалникот и градот да ги претстави своите проекти и своите визии за тоа како замислуваат да се искористи овој потенцијал.што постои во Битола, изјави претседателот Ѓорге Иванов.
Градоначалникот Талески истакна дека „ сега останува на амбасадорите и тие нивните впечатоци, замисли и идеи да ги пренесат. Се надевам дека се ова што го презентиравме пред целиот дипломатски кор ќе ни донесе повеќе инвеститори. Ние ги презентиравме и топ проектите кои што во 2012 година ќе финишираат, со надеж дека тоа ќе охрабри и други луѓе, додаде Талески.
Прошетката продолжи низ пелистерските убавини, а беше проследена со запознавање со географските и други карактеристики кои ги одбележуваат одредени локации – месности кои се дел од НП Пелистер.