На последното јавно наддавање во Општина Битола продадени се 7 нови парцели за изградба на стопански објекти во индустриската зона „Жабени“, а продадени се и градежни парцели на други локации во градот каде ќе се градат станбени објекти и објекти за индивидуално домување.
-Во индустриската зона „Жабени“ продадени се седум парцели за стопанство со што вкупно продадените парцели во зоната го достигнаа бројот 49. Во текот на вчерашниот ден во населбата „Ушици“ се продадоа 3 парцели за индивидуално домување со што бројот на вкупно продадените парцели сега е 25, додека бројот на вкупно продадените парцели за домување во поранешната касарна е 85, информираше на денешната прес конференција Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески.
На подрачјето на општина Битола, односно во поранешната касарна, во индустриската зона „Жабени“ и на граничниот премин Меџитлија продадени се 4 парцели за изградба на хотели, додека пак во непосредна близина на хотелот „Битола“, а продадена е и парцела за изградба на станбен комплекс, односно колективно домување.
-Парцелите за индивидуално домување постигнаа различни цени по метар квадратен кои се движат од 577 до 3.400 денари, додека парцелата за колективно домување се продаде по цена од 4.160 денари. Сите нови инвеститори во индустриската зона „Жабени“ се домашни инвеститори и очекуваме наскоро да почнат да ги реализираат своите објекти за што ќе издадеме дозвола за градба. На овој начин во целост се исполнува нашата стратегија за нови инвестиции и за намалување на невработеноста во општината, истакна Талески.
Според востановените правила за градба и користење на општинските поволности сите инвеститори имаат обврска во рок од 9 месеци да ја завршат процедурата за добивање на дозвола за градба, додека во рок од 6 години треба да го завршат и пуштат во употреба својот објект.