„ТВРДОКОРНИ“ ЌЕ СЕ СНИМА ВО БИТОЛА

„ТВРДОКОРНИ“ ЌЕ СЕ СНИМА ВО БИТОЛА

За дваесетина дена во Битола доаѓа филмската екипа која ќе го снима култниот ТВ-серијал „Тврдокорни“ во продукција на Македонската телевизија. Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески по тој повод денеска имаше средба со режисерот на серијата Миле Гроздановски и  Милчо Узунов од продуцентската куќа „3-Д“.
– За снимањето на оваа серија Битола е незаобиколна  затоа што има услови, затоа што веќе има изграден филмски град кој ќе овозможи да го реализираме поголемиот дел од 30-те епизоди што ќе бидат снимени во продукција на МТВ и во копродукција со „3-Д“ од Скопје. Во серијата ќе бидат ангажирани актери од битолскиот театар, како и други актери од регионот, за да направиме серија што ќе ги врати гледачите пред малите екрани, изјави Гроздановски.

Градоначалникот Талески потврди дека локалната самоуправа го поддржува снимањето на играната серија на МТВ во Битола.

– Соработката со режисерот Гроздановски не поврзува од поодамна, од времето кога како изработувач на сценариото учествував во проектот на агенцијата „Феријал“ односно детската ТВ-серија „Здраво генијалци“. Задоволен сум што Гроздановски ги препознал условите што Битола ги дава за големата идеја „Битола-филмски град“. Оваа играна ТВ-серија е значајна и едукативна за сите гледачи, но и потврда на континуитетот македонските режисери да снимаат во Битола, како што тоа претходно го направија Дарко Митревски, Александар Поповски, Столе Попов и други, истакна Градоначалникот Владимир Талески.

Продуценската куќа „3-Д“ на прес-конференцијата во Битола најави дека целиот материјал ќе биде снимен во висока ХД-резолуција, во формат што ќе овозможи траен запис и дека ќе се снима на различни локации.