Падна првата клапа од серијалот „Тврдокорни“ чии што епизоди ќе се снимаат во Битола. Атентатот врз македонскиот револуционер Петар Чаулев од страна на Димитар Стефанов, се прикажува преку ликовите на Владимир Ѓорѓиоски од прилепскиот театар во улога на Петар Чаулев и Никола Пројчевски од битолскиот народен театар во улога на атентатор.
„Во моментот се наоѓаме во објект кој што треба да ни игра кафеана од Милано од 1924 година, со нас се актерите кои што ќе играат во оваа серија, а нив ги има повеќе затоа што овој регион овде има два професионални театри, затоа што и во двата театри Прилепскиот и Битолскиот има артисти кои што одговараат на возраста на улогите кои што треба да ги играат од 20 до 35 години, за главните артистички улоги и сите карактери и сите артисти кои што сакаат да играат во нашата серија, изјави Миле Гроздановски, режисер на култниот серијал „Тврдокорни“.
Како локации во текот на снимањето ќе се искористат сите објекти кои соодветствуваат на градбите од периодот опфатен во сценариото. За големата поддршка која ја покажува Општина Битола, режисерот Гроздановски изрази голема благодарност до Градоначалникот Талески
„Тврдокорни на наш заеднички договор се снима во Битола и битолскиот регион, не само заради тоа што имаме прекрасни објекти, прекрасни места кои што одговараат заради приказната на сценаристите кој се обработува во тој период, туку и затоа што на тој начин го поддржуваме и проектот Битола филмски град и се разбира се она што значи еден голем влог и афирмација на нашата општина. Убеден сум дека нашите локации ќе придонесат за максимална реализација, а имаме една обврска според која треба да се оддолжиме како генерација на историските настани и личности, изјави Владимир Талески, Градоначалник на Општина Битола.
Во Битолскиот регион ќе се снимаат десет епизоди од предвидените триесет. Општина Битола во насока на поддршка и развој на идејата за Битола филмски град максимално ќе ја поддржи екипата која денеска ја сними првата клапа во Битола.