Новоименуваната француска амбасадорка во Македонија, НЕ г-а Лоранс ОЕР денеска оствари прва официјална посета на Битола. Општина Битола е првиот град, надвор од Скопје кој амбасадорката го посетува во Македонија, а оваа средба значи и најава на голем број заеднички проекти кои ќе се реализираат во идниот период:
„Сакам да го изразам моето задоволство што за неполн месец од моето наименување јас сум во прва посета надвор од Скопје – во Битола, еден град кој што е многу важен за Франција, заради длабокото француско присуство со Француска Алијанса, со Француско Конзуларно претставништво, како и со многу спомени врзани за сеќавањето и меморијата за Првата светска војна. Тоа значи дека следува една агенда во која што јас ќе бидам често присутна во Битола. Имено го почнуваме месецот на Франкофонијата, каде што ќе бидеме присутни со културни активности, понатаму јас ќе дојдам затоа што ќе имаме една донација за пожарникарските служби во Битола (донација во областа на цивилната заштита), потоа ќе доаѓам за празникот на музиката и во повеќе други пригоди, затоа што заедно со Градоначалникот сакаме да развиваме повеќе проекти во културата, како и да придонесеме за интензивирање на изучувањето на францускиот јазик во повеќе домени за кои што сега се договоривме, изјави НЕ амбасадорката Лоранс Оер.
Градоначалникот Талески ги потврди заедничките проекти кои ќе следуваат и ја најави манифестацијата која што општина Битола идниот месец ќе ја реализира со збратимениот град од Франција.
„Покрај активностите за кои што спомена амбасадорката разговаравме и за моменталната политичка ситуација во опкружувањето и во земјата, интегрирањето на Република Македонија во НАТО И ЕУ, итн. Чувствуваме дека имаме една пријателска средба и голема поддршка од Република Франција и веруваме дека идниот период ќе донесе уште подобра комуникација и се надеваме дека вашите почести средби ќе ги разоткријат сите конкретни проекти кои заеднички ќе ги правиме. Веќе имаме покана и од Градоначалникот нашиот пријател од Епинал, кој што не поканува во месец април да направиме една заедничка манифестација во делот на културата, како и сите други активности кои Општина Битола ќе ги поддржи, а кои се дел од програмата која ја направија овие два збратимени градови, изјави Градоначалникот на Општина Битола, М-р Владимир Талески.
Амбасадорката Лоранс Оер на оваа средба ги најави и големиот број манифестации кои ќе следуваат по Повод Комеморацијата на 100 годишнината од Првата светска војна:
“Во Франција одбележувањето ќе започне во јуни 2014 година со серија на изложби низ целата Франција во знак на сеќавање на Првата светска војна, а потоа во 2015 та година Битола ќе има приоритено место во таквите одбележувања, затоа што ние имаме многу фотографски и други материјали кои претставуваат сведоштва на она што се случуваше во Првата светска војна, за жал тоа беа и битки, но тука имаше и француска болница и други белези на масовното присуство на Франција во тој период, изјави Оер.
Архивските материјали – сведоштва на тој период ќе бидат изложени во новиот мал музеј кој е предвидено да биде изграден на француските гробишта.
По завршувањето на средбата во кабинетот на Градоначалникот на Општина Битола, во Центарот за култура во Битола, амбасадорката на Франција Лоарнс Оер, амбасадорката на Германија Гурдун Штајнакер и Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески во Центарот за култура во Битола ја отворија изложбата насловена како „Де Гол – Аденауер – 50 години од Елисејскиот договор“.