69 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ПРВАТА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА ЕГЕЈСКА БРИГАДА

69 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА ПРВАТА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА ЕГЕЈСКА БРИГАДА

Градоначалникот на општина Битола и општинската организација на Сојузот на борци, по повод 69 години од формирањето на Првата НОУБ од Егејска Македонија денеска одадоа почит положувајќи свежо цвеќе.  Претседателот на општинската организација на Сојузот на борци потсети на времето кога организацијата беше формирана, како и на состојбата на македонското национално прашање во рамките на левоориентиранотот грчко народноослободително  движење – ЕАМ.
„Пред 69 години на ова плато на 18 ноември беше формирана Егејската народноослободителна ударна бригада. Веднаш после формирањето на бригадата таа замина на западниот дел на Македонија затоа што уште имаше борби со балистичките банди. Бригадата многу успешно ги разреши проблемите успешно справувајќи се со балистичките банди“, изјави Александар Трајковски, претседател на општинската организација на Сојуз на борци.
Одбележувањето на значајните датуми од историјата на македонскиот народ, за сите нас треба да претставува потсетување на минатото и патоказ кон иднината.
„Се наоѓаме на местото каде што пред 69 години официјално е формирана Егејската Народноослободителна бригада која на овој простор има значително придонесено за спроведување на тогашните активности кои што се однесувале на главните штабови и проекцијата за дејствување на просторот за заедничката акција. Ценам дека вака, заеднички, навистина достоинствено и понатаму треба да ја оддаваме должната почит кон сите оние настани, случувања и историски личности кои придонесле за ова големо богатство, оваа голема слобода и независност на Република Македонија која што ја имаме денеска“, изјави д-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.