РАБОТЕН СОСТАНОК НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ И ШТАБОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ

РАБОТЕН СОСТАНОК НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ И ШТАБОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ

 

Поосле обилните врнежи од дожд кои деновиве ја зафатија територијата на Република Македонија и Општина Битола, општинскиот штаб за заштита и спасување, денес во кабинетот на Градоначалникот на Општина Битола М-р Владимир Талески одржа работен состанок на кој изврши анализа на теренските информации и согледување на состојбите на подрачјето на општината. Во изминатите денови интервенирано е во сите села во околината на Битола во кои што дождот создаде потреба од дополнителни интервенции, но како што изјави и Димче Јошевски член на штабот и раководител на Дирекцијата за заштита и спасување-Битола, состојбата во Пелагонија не е алармантна, а стручни екипи и механизација се подготвени за брза интервенција доколку има потреба.
„Помош за расчистување на поплавени површини побараа жителите на неколку села, односно Оптичари, Жабени, Карамани и Трн каде штетите се незначителни. Подготвени сме да интервенираме на секое место каде што ќе биде побарана помош“, изјави Димче Јошевски.
Штабот е во постојано заседавање и ја следи состојбата на терен на подрачјето на цела Пелагонија, односно во делот од општините Могила и Новаци.
„Во текот на вчерашниот ден постоеше опасност од поплавување на селото Гнеотино, но во договор со сопствениците на ЗК „Пелагонија“ вишокот на вода го испуштивме во обработиливите земјоделски површини на комбинатот. Во моментов најголем проблем претставува  т.н. „петти канал“ чии води се влеваат во Црна Река бидејќи пред вливот каналот на две места е скинат , но таму веќе интервенираме со механизација за да не дојде до одливање на водата во полето“, истакна Јошевски.
На денешниот работен состанок беше констатирано дека во најголем број случаи единствена причина за поплавуавње на одредени села е неодржување или оштетување на одредени одводни канали и недоволна грижа од локалното население. Одводната мрежа во Битола е чиста над 70%.