После победата на ФК Пелистер над ФК Вардар на фудбалскиот натпревар кој се одигра во саботата во Скопје и спектакуларниот дочек на фудбалерите од страна на навивачката група Чкембари во Битола, денес фудбалерите од ФК Пелистер имаа работна средба со Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески. Оваа победа значи враќање на самодовербата кај играчите и постигнување на уште поголеми резултати за кои што и играчите и управата на ФК Пелистер потврдија дека невозможно е да се реализираат без поддршката од Општина Битола:
„Денеска ми е посебно задоволство, затоа што сум со луѓето кои следната година ќе бидат шампиони. Оваа година целта ни беше заедно со сите фудбалери, стручниот тим и управата Пелистер да остане во првата лига. Целта ја оставруваме, им даваме максимална поддршка, бескрајно се мотивирани и овој состав на фудбалери имаат фантастична енергија и ентузијазам. Тоа и ја донесе победата во Скопје против Вардар. Тоа максимално го поддржува нашиот концепт кој го промовиравме неодамна – Битола ќе биде спортски град. Продолжуваме со максимална поддршка во спортот. Веднаш откако добивме законска можност влеговме и регистриравме акционерско друштво каде што 100% акционер е Општина Битола. Тие нема да имаат проблеми за нормално функционирање на клубот, а денес потпишав 2 000 000 денари кој што директно за ден два ќе стигнат на нивната сметка затоа што ова не се случува секој ден. Тоа е поддршка за сите нив. Очекуваме в година ова време ФК Пелистер да биде шампион. Продолжуваме со сите проекти во спортот. Имаме дел готови проекти за изведба, а досега не добивме проект за стадионот под Тумбе кафе. Во идниот период ќе изработиме проект за Стадионот под Тумбе кафе. Јас сум убеден дека најдоцна до крајот на мандатот на оваа локална самоуправа ќе се исполни нашата желба да имаме стадион со две трибини по 4000 гледачи и две помали по 2000 гледачи, изјави Градоначалникот на Општина Битола м-р Владимир Талески.
Во изминатиот период како резултат на поддршката и директното инвестирање на општина Битола во развој на спортот, комплетно е реконструирана малата сала од Спортската сала Младост и дел од просториите, а активностите продолжуваат во делот на санитарните јазли, кровната конструкција како и активности кои се однесуваат на просторните услови, а општината се заложи дека ќе ги исполни со цел влез на РК Пелистер во СЕХА лигата. Во тек е и изградбата на скејт парк во Градскиот парк.