ТРЕТ ИНВЕСТИТОР ЗАПОЧНА СО ИЗГРАДБА НА ЗЛАТЕН РИД

ТРЕТ ИНВЕСТИТОР ЗАПОЧНА СО ИЗГРАДБА НА ЗЛАТЕН РИД

Големата љубов кон родната земја, исклучителните поволности и добрата соработка со општина Битола, донесоа голема радост кај инвеститорот и нова инвестиција во општина Битола. Денес, во оваа општина беше поставен камен темелник на новата станбена зграда на Златен рид која треба да биде изградена најдоцна за една година. „Михајлов апартментс“ ќе биде зграда со современ архитектонски дизајн и функционален станбен простор, греење и ладење по стандардите за енергетска ефикасност, комплетно опремени кујни и бањи, сопствен паркинг во подземни гаражи и тоа што е најпривлечно поволни цени со 10% учество. Од предвидените 46 станови 16 веќе се продадени на иселеници од Македонија кои живеат во Австралија:
„Како битолчанец имав желба нешто да направам во Битола. Со градоначалникот разговаравме за оваа инвестиција и тука започнува нашата соработка за привлекување нови инвеститори од Австралија кои сигурно јас ќе ги донесам. Цената на становите во оваа зграда ќе бидат многу ефтини од 760 до 800 евра на метар квадратен. Исто така, во „старата касарна“ веќе имам и други предвидени инвестиции, изјави Ѓорѓи Михајлов, инвеститор.
Покрај останатите поволности за инвеститорот, општина Битола за инвеститорот Михајлов го издаде и првото електронско одобрение за градба:
„Се радувам на уште една инвестиција. Тука е Ѓорѓи од Сиднеј, Австралија, човек со кој се познавам уште од млади години. Оваа инвестиција е заокружување на една наша заедничка желба: Нашите – луѓето – битолчани да инвестираат во својот град. Во овој дел –старата касарна, а денес Златен рид, покрај рускиот инвеститор „Јури“, ГП Пелистер, ова е интересно затоа што нашиот иселеник вложува во својата земја. Како општина во овој дел вложивме многу во целосно правење на услови, ДУП и следува една голема градежна акција од наша страна како општина, бидејќи овој простор комплетно ќе биде инфраструктурно уреден“, изјави М-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.
Покрај на Златен рид, новите инвестиции во Општина Битола продолжуваат и во Индустриската зона Жабени, каде што веќе се издадени 6 одобренија за градба, а 10 се во постапка за издавање.