Битола Филм ленд е проект кој реално привлекува голем број режисери, продуценти и други филмски работници. Местоположбата на градот Битола, нејзиното богато културно историско наследство, големиот број знаменитости и награди и признанија на општината, а пред се проектот Битола филмски град беа доволна причина познатиот турски режисер Ердал Мурат Акташ да се заинтересира за идна значајна соработка со Општина Битола.
„Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, среќен сум што сум во овој прекрасен град Битола. Сум направил многу меѓународни проекти до денес и сега започнувам копродукција и соработка со градоначалникот на Битола. Кога слушнав за овој градоначалник и за неговата идеја за Филмленд реков морам да одам и да го сретнам и да направам копродукција со него. Затоа сум тука. Што и да направиме ние во областа на филмската индустрија ќе биде нешто големо и меѓународно. Јас на сите тие проекти ќе поканам и ќе донесам многу познати имиња од Турција во Битола. Кога ќе го имаме конкретниот проект, јас повторно ќе го споделам со вас и Вие ќе имате сознание за што конкретно станува збор, изјави турскиот режисер Ердал Мурат Акташ на средбата со градоначалникот Талески.
Градоначалникот Талески им вети голема општинска поддршка, како и можност за поддршка од министерството за култура на РМ, откако конкретниот проект ќе биде завршен.
„Тоа се наши гости од нашата пријателска Турција, тоа се пријатели на Македонија, луѓе професионалци кои што се занимаваат со филмска продукција, луѓе кои што навистина во животот многу направиле, кои што дојдоа да се понудат на Битола за соработка. Разбрале за нашата идеја за Битола филмски град. Тие веќе работат на еден друг проект поради кој и ја посетија Битола, денеска беа во музејот од каде побараа фотографии за Битола, но главното тежиште денеска го ставивме на идната плодна соработка токму со овие наши пријатели. Се работи за многу значаен популарен режисер, кој што работи не само во Турција, туку во повеќе земји, работи со европските фондови, работи во соседството, но за наша среќа денеска е прв пат во Битола. Веќе договараме после завршувањето на овој голем проект кој што значи соработка и со Битола и Солун и неколку други градови, договараме заедничка средба која што ќе биде повторно во Битола. Отвораме една нова страница затоа што се работи за врвни професионалци кои што имаат искуство на работа со документарни, играни филмови, турски серии, луѓе кои што работат со големи буџети“, изјави Градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески.
Следната средба Градоначалникот Талески и турскиот режисер Акташ ја договорија за почетокот на февруари, а проектите кои се очекува да се реализираат во Битола ќе бидат од големо значење за промоција и афирмација на градот и понатамошен развој на проектот Битола Филмленд.