СИМУЛАЦИСКА ВЕЖБА НА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА НА ПАТОТ ПРИЛЕП-БИТОЛА

СИМУЛАЦИСКА ВЕЖБА НА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА НА ПАТОТ ПРИЛЕП-БИТОЛА

Министерството за здравство во координација со десет институции денеска организираше симулациска вежба на сообраќајна несреќа во која е вклучен автобус кој превезува деца и цистерна, при што има поголем број повредени лица. Вежбата се изведе на регионалниот пат Прилеп-Битола, кај пелагониското село Тополчани.

На вежбата присуствуваа Министерот за здравство Никола Тодоров, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, како и претставници на Светската здравствена организација-СЗО, Канцеларија во Република Македонија и други стручни лица.

-Ваков тип на вежби во организација на министерство за здравство од здравствен аспект не се организираат никаде на Балканот и затоа се заблагодарувам на СЗО која што силно не поддржува во напорите да ги согледаме сите можни пропусти што се случуваат на вакви настани, да ги научиме и да недозволиме да ни се повторуваат во реални ситуации, изјави министерот Тодоров.
 
Вежбата помина со одлична организација, а до крајот на годината министерството планира да направи уште една вежба со новите амбулантни возила и целата опрема која што ја имаат истите.
Министерот Тодоров ја истакна денешната улога на волонтерите на Црвен Крст кои дадоа одличен придонес при симулацијата на повредените, а учесници денешниот настан го доживуваат како мошне корисно искуство.
Повредените во симулацијата беа пренесувани во болниците во Битола и Прилеп.

Националниот координатор за вонредни состојби во областа на здравството при Канцеларијата на СЗО во Република Македонија, Марија Кришман денешната вежба во пелагониското село Тополчани ја оцени како една од поуспешните вежби на целата балканска територија.