СВЕЧЕНО ЗАТВОРЕН ПРОЕКТОТ „ГРАНИЦИ БЕЗ ГРАНИЦИ“

СВЕЧЕНО ЗАТВОРЕН ПРОЕКТОТ „ГРАНИЦИ БЕЗ ГРАНИЦИ“

Во фоајето на Центарот за култура се одржа завршната активност од проектот „Граници без граници“, проект кој се реализираше помеѓу општините Битола и Корча, финансиран од Европската Унија од ИПА програмата за погранична соработка.  На завршната манифестација беше промовиран календар на културни активности за двете општини издаден на македонски, англиски и албански јазик, а беше прикажана и видеопрезентација – филм монтиран од материјалите снимени за време на работилницата за филм, исто така беше отворена и изложба на ракотворби изработени за време на работилниците во Корча и Битола.
Проектот се однесува на градење нови мостови на комуникација, каде сите ресурси беа ставени во употреба на пошироката јавност, развој на долгорочни партнерства, вмрежување, размена на податоци, промотивни материјали кои ќе им користат на општините во понатамошната нивна промоција на добрососедски односи, стабилност, безбедност, напредок и поттикнување на одржлив развој кои се во заеднички интерес на двете земји.
Во овие 12 месеци колку што траеше проектот се одржаа 3 работилници, од кои две во Битола, за филм и фотографија и дводневен семинар и една во Корча за ракотворби.  На овие работилници учествуваа по 10 млади луѓе од Битола и Корча кои резултираа со успешно завршени задачи и должности, многу дружење и разбирање.  Зборувајќи за својот ангажман младите луѓе од Корча и Битола потврдуваат дека имаа исклучителна можност да го развиваат својот ентузијазам, да ги користат своите потенцијали, но пред се и да стекнуваат нови знаења од области кои до неодамна беа непознати за нив.  Ваквиот начин на постојана активност покрај што им овозможи комуникативност и забава, на младите луѓе им даде можност стекнатите знаења да ги искористат во своите понтамошни ангажирања, професионални ангажмани или приватни слободни активности.
Се реализираше и размена на уметници: од Битола музичката група Памперс учествуваше на Фестивалот на пивото во Корча, а здружението на копаничари се претстави со изложба, а од Корча на Бит Фест учествуваа Фанфаре бенд, изложба на ликовни уметници и концерт на хорот Лира.
Беше изработен календар на културни активности за 2012 година за Општините Битола и Корча на македонски, албански и англиски јазик и ДВД од материјалот од работилницата за филм.
Овој проект во изминатите 12 месеци се обиде, а веруваме и успеа во тоа, да ги приближи повторно историски блиските градови Битола и Корча, да ги избрише границите исто како и самото име на проектот „Граници без граници“ и придонесе кон повторно зближување и зголемување на меѓусебната доверба помеѓу овие слични општини.